Неколку илјади луѓе се собраа на централниот плоштад во Белград во знак на протест поради лошиот воздух.

Ова беше трет по ред протест против загадувањето на Белград, кој го организираше невладината организација „Еко заштита“.

Илјадници граѓани се собраа во центарот на градот за да го изразат своето незадоволство од високото ниво на загаденост на воздухот во целата земја. Протестот помина мирно со аплаузи и поддршка за сите лекувани во болниците и сите борци за чист воздух, пишува белградскиот весник „Данас“.

„Еко заштита“ најави дека во следните две недели ќе има протести против загадувањето на воздухот низ цела Србија. Тие ги повикаа учесниците да поддржат и помали населени места.

На протестот имаше транспаренти на кои пишуваше: „Излези и одбрани се“ и „Нè задушувате“. Демонстрантите се собраа и пред зградата на претседателството.