Пропадна неолибералната транзиција на Балканот

Црна Гора и Србија се во пристапни преговори со Европската Унија. Во март беше договорен почеток на преговорите и со Северна Македонија и Албанија. Босна и Херцеговина го предаде барањето за членство, а Србија го блокира секој напредок на Косово. Ова е една страна од процесот на проширување. Но како стојат работите со вредностите што се заговараат: демократија, владеење на правото и одржлив развој?
Од 1989 година постои „напредок“, иако беше забавен со војните по распадот на Југославија. Со исклучок на Косово, постои слобода за патување за „западнобалканската шесторка“, која граѓаните ја користат за да можат да емигрираат. Во синџирите супермаркети, кои главно се во германски раце, може да се најдат најмногу увозни производи, а домашните производи се реткост.

На единствениот природен регион штета му предизвикуваат корупциските градежни потфати, градбата на мали хидроцентрали, сечењето на шумите, кражбата на земјиште и неконтролираниот развој на туризмот. Образованието и здравството се на многу ниско ниво, невработеноста е голема. Многумина не би можеле да преживеат без парите што пристигнуваат од странство и има многу голема сива економија. Време е да се каже дека неолибералната транзиција на Балканот пропадна. Нискиот одзив на изборите во Србија, Хрватска и Северна Македонија е израз на длабоката недоверба во демократијата. Демонстрациите во Белград ја нарушија „блескавата“ изборна победа на владејачката партија на претседателот Александар Вучиќ.
Од 1989-та се етаблираа хибридни демократии, клептократија и мафијашки држави. Економистот од српско потекло Бранко Милановиќ на својот блог напиша за „повеќепартиската клептократија“. Политикологот Јасмин Мујановиќ во својата книга „Глад и бес“ тоа го означува како „еластичен авторитаризам“, претседавачот на „Транспаренси интернешнел“ во БиХ, Срѓан Благовчанин, во актуелната студија говори за „владеење на картели“, Ведран Џихиќ од Австрискиот институт за надворешна политика вели дека на изборите во Србија станувало збор за „лажна демократија и уметност на илузијата“.

За жал, ни во одделните држави од Европската Унија состојбата не изгледа нималку подобро. Тие имаа среќа своевремено на станат членки на клубот, како на пример Романија и Бугарија, Малта, Кипар, Унгарија и Полска. Унгарскиот социолог Балинт Маџар во 2016 година својата земја ја опиша како „посткомунистичка мафијашка држава“. Неговите критериуми може да се пресликаат на „шесторката од Западен Балкан“.
Носителите на бриселските одлуки и нивната бирократија, поради другите приоритети, воопшто не се загрижени за тоа. Но навистина и нема смисла да се предупредува Балканот да се држи до основните правила за реформи, кога земјите од ЕУ, а исто така и Германија, не се посветени за правилата штом ќе се чепне во нивните интереси.
Тежнеењето кон инфраструктурни проекти останаа на хартија, додека Кина гради автопатишта, железнички мрежи и мостови, понекогаш и со поддршка на ЕУ, и ги мами државите во должничка замка. Одржливоста на овие проекти е нешто сосема друго. Но тие сосема одговараат за „свртување“ на многу милиони. Глобално гледано, на балканските елити, а ни на нивните европски партнери не им е во интерес да работат на одржлив развој, приспособен на климатските промени и загрозениот биодиверзитет.

Затоа, крајно време е да се преиспита политиката на ЕУ кон Балканот. Тоа нема да се направи со новата „методологија“ за пристапување во ЕУ. На корумпираните елити во политиката и економијата мора да им се спротивстават. Тие треба да се повикаат на лична одговорност. Но тоа може да се направи само во соработка со слабото но разнолико цивилно општество. Додека на младите им се нуди можност меѓу приспособување и емиграција, нема да може да се спречи егзодусот на добро образованите лица. Конечно, мора да се собере храброст, во Брисел и во Берлин и во Париз, отворено да се разговара со балканските елити. Но тоа наложува да се идентификуваат и сопствените дефицити и борба против нив. Затоа што состојбата на статус кво е фатална.

Авторски текст за „Дојче веле“