Српската напредна партија на социјалните мрежи објави режирано видео со глумци, во кое се исмеваат претставниците на опозицијата Драган Ѓилас и Вук Јеремиќ и учесниците на протестите „1 од 5 милиони“, кои веќе се одржуваат девет недели во повеќе градови во Србија. Во спотот се прикажува како непознато лице, кое седи во фотелја и се именува како Олигарх бр.1, им дава куферче со пари на двајца политичари, кои личат на лидерите на опозицијата, за да продолжат со протестите.
Претставникот на организацијата „Транспарентност“ – Србија, Златко Миниќ, за агенцијата Бета изјави дека телевизиите што го емитирале спотот на СНС, чиј лидер е актуелниот српски претседател Александар Вучиќ, го прекршиле Законот за електронски медиуми и за тоа би требало да реагира и Регулаторното тело за електронски медиуми.

– Според Законот за електронски медиуми, понудувачот на медиумските услуги е должен да ја почитува забраната за политичкото огласување надвор од изборната кампања, а во текот на предизборната кампања на регистрираните политички партии, коалиции и кандидати да им обезбеди еднаква застапеност без дискриминација – вели Миниќ.

Тој го поставува и важното прашање, кој го платил емитувањето на спорниот спот. Доколку емитирањето го покриле од СНС тогаш се доаѓа до членот 19 од Законот за финансирање на политичките активности, кој се однесува на покривањето на трошоците за редовно работење на партиите. Со овој член под редовни активности на партиите се сметаат: средби со гласачите и членството, трошоци за превоз и одржување собири, трошоците за промоција, за рекламен материјал и публикации, трошоци за истражување на јавното мислење, обуки, меѓународна соработка, за плати и надоместоци на вработените, комунални трошоци, како и трошоци за други слични активности.

Лидерот на новоформираниот опозициски блок Сојуз за Србија Драган Ѓилас обвини дека СНС има преземено неколку телевизии на кои беше и емитуван спотот со кој се навредуваат претставниците на опозицијата и граѓаните што протестираат. За продукција на ова видео се потрошени околу сто илјади евра, наведува Ѓилас.