Во Хрватска се потврдени 11 случаи на британскиот вид на коронавирусот, но има сомневање дека постојат и нови варијанти на ковид-19 во оваа земја. Не се исклучува можноста да постои и хрватски вид на коронавирус, информира вчера Крунослав Цапак, првиот човек на Хрватскиот завод за јавно здравје.
– Новина е тоа што во заводот е воведен скрининг-тест на новата варијанта. Тестиравме 17 примероци, од кои за десет имаме сомневање за нов вид на вирусот, а сите примероци ги упативме на потврдување во Инфективната клиника. Наскоро ќе знаеме дали тоа е британски вид или не. Лицето кај кое е пронајден овој примерок е тестирано кај нас. Можна е мутација, но не знаеме за која станува збор. Јас не би ја нарекол бразилска, можеби е тоа хрватски вид на коронавирус – рече Цапак.
Завчера медиумите во Хрватска пренесоа информација дека е потврдено присуство на мутација во бразилскиот вид на коронавирусот. Од вкупно 50 примероци, бразилскиот вид на вирус е потврден и на примерок од Загреб. Примероците беа собрани од три хрватски града – Загреб, Чаковец и Осиек. Примерок со кој се потврди бразилскиот вид на вирус е земен во Загреб на 30 јануари годинава, пренесе „Индекс“.