По „случајното“ објавување карти за нови граници на Балканот, кои беа демантирани од високи извори на САД и на ЕУ, следуваат анализи од различни извори, во кои се нагласува „бесперспективноста на регионот“

Неповолни политички прогнози за балканот

По појавувањето на „неформални“ предлози за ново прекројување на границите на Балканот, продолжија реакциите и изјавите од највисоките претставници на Европската Унија и на САД со што се „гарантира“ суверенитетот на постојните земји од Западен Балкан. Министрите за надворешни работи на групата Г7 развиени индустриски земји неделава ги потврдија заложбите за заедничката посветеност за економското заздравување и европската перспектива на шесте земји од Западен Балкан, а клучен фактор за тоа е инвестирањето во мирот и стабилноста. Според соопштението издадено по средбата на министрите, „наводните нонпејпери за нови граници, според етничките линии, ја нарушуваат стабилноста на регионот“. Но истовремено се нагласува ставот со кој се отфрла секој обид за поткопување на територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, пренесува Радио Слободна Европа.
Министрите на Г7 во документот ја нагласуваат важноста за унапредување на неопходните внатрешни реформи, особено за владеењето на правото, борбата против организираниот криминал, незаконското финансирање и корупција. Тоа што е значајно за Албанија и Македонија е што министрите го поддржуваат формалното отворање на преговорите за пристапување во Европската Унија. Министрите се надеваат дека ќе биде поттикнат напредокот во регионалната соработка, особено преку заедничкиот регионален пазар, Зелената агенда за Западен Балкан и Берлинскиот процес. Во исто време се повикуваат Србија и Косово „конструктивно да се вклучат во преговорите во рамките на дијалогот со помош на ЕУ, и за сеопфатен правен документ што ќе придонесе за регионалната стабилност“.

Паралелно со смирувачките тонови од Западот, што дојдоа по „случајното“ објавување на словенечкиот предлог за нова територијална поделба на Балканот, продолжуваат да се објавуваат и политички анализи за „бесперспективноста на регионот“!
„Балканот и југоисточна Европа исчезнаа од меѓународната политичка карта, а постојат многу поважни проблеми и кризи за кои САД и ЕУ мораат да се грижат. Последица од оваа наводна незаинтересираност е недостиг од неопходни политички импулси, концепти и визии за решавање на бројните судири“, пишува во текстот на германското стручно списание „Меѓународна политика“, чиј издавач е Германското друштво за надворешна политика (ДГАП) со наслов „Опасно затишје“. Авторот на анализата Томас Брај, долгогодишен дописник од подрачјето на југоисточна Европа, не ја исклучува можноста од оружени судири во овој „опасен метеж“, кој произлегува од национализмот, корупцијата, притисокот на медиумите и правосудството, како и со индоктринација на младите. Авторот на анализата забележува дека сите „политички елити во сите држави на регионот ја злоупотребуваат историјата, со што би ја потврдиле наводната употреба на жртва на нивната сопствена нација, со намера да овозможат популистичка хомогенизација на сопственото население против соседот“.
Босна и Херцеговина во текстот се нарекува „пропадната држава“, а караницата меѓу муслиманските Бошњаци, православните Срби и католиците Хрвати често е проследена и со омраза“. Притоа се потсетува на тоа дека БиХ, која има три милиони жители, се состои од двата автономни дела, кои имаат 14 парламенти и 120 министри.

Во текстот, Балканот се нарекува „регион без перспектива, во кој се политичари што се со децении на власт и кои ЕУ и САД ги третираат како партнери за спроведување на реформите, демократизацијата и модернизацијата, иако тие се всушност дел од проблемот“. Според Брај, овој концепт е пропаднат, но затоа „Запад се однесува како да сѐ тече според планот“. Но најважно од сѐ е што во регионот владее мир – а тоа е девизата што опстојува по граѓанската војна во текот на распадот на Југославија.
Постоењето на некакви планови за размена на територии, неделава повторно беше негирано од САД. Американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет, изјави дека ниту САД ниту нивните европски партнери немаат интерес да промовираат каква било размена на територии на Западен Балкан.
– Не знам кој ги пишува овие неофицијални документи, но кој и да ги пишува, секако е задоволен од прекумерната реакција – изјави Коснет за РТК2, коментирајќи го објавувањето на нонпејперот за промени на Западен Балкан,
Тој изјави и дека Вашингтон е посветен на поддршката за процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина, под закрила на ЕУ. Коснет рече дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден внимателно ја разгледала работата на претходната американска администрација и заклучила дека „има многу вредни делови“, пренесува РТЦГ.
На прашањето дали Вашингтонскиот договор е основа за продолжување на преговорите меѓу Белград и Приштина, тој истакна дека администрацијата на Бајден го прифатила договорот, но дека тоа не значи дека документот е единствената скица за разговори.