Пред Основниот суд во Никшиќ вчера претпладне се собра група граѓани, кои протестираа против апсењето на епископот будимјанско-никшички Јоаникија, кому му беше одреден притвор од 72 часа, поради одржувањето на литијата на денот на свети Василиј Острошки.
Неделава во неколку црногорски градови се судрија полицијата и демонстрантите, кои бараат ослободување на епископот Јоаникија и на седумте свештениците на СПЦ. Тие беа уапсени за организирање поворка во Никшиќ во вторникот со илјадници граѓани, и покрај забраната за собири, поради епидемијата на коронавирусот.
Според црногорската полиција, во судирите се повредени 26 полицајци, а повеќе од 50 лица се приведени.

По повод немирите, премиерот Душко Марковиќ нагласи дека Црна Гора била изложена на брутален напад поради масовни собири што може да имаат несогледливи последици по здравјето на црногорските граѓани. Тој, исто така, имаше недвосмислена порака за сите – не мора да ја сакате Црна Гора, но мора да ја почитувате.
Европската Унија внимателно го следи развојот на ситуацијата во Црна Гора и ги повикува сите страни да покажат умереност и да го почитуваат владеењето на правото, изјавија од Европската комисија за телевизијата Н1.

Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, рече дека „ЕУ ги охрабрува црногорските власти да најдат правилен баланс помеѓу поддршката на слободата на собирање и изразување и пропорционално дејствување“.
– ЕУ потсетува дека тоа е нејзината основна вредност и клучен елемент на процесот на пристапување на Црна Гора во Унијата – рече Писонеро.