По неуспехот за формирање влада во Бугарија по парламентарните избори пред три месеци, в недела се одржуваат нови избори. ГЕРБ, предводен од долгогодишниот поранешен премиер Бојко Борисов, иако победи на изборите, не успеа да формира влада, бидејќи другите партии ја избегнуваа поради гневот на народот кон вкоренетата корупција. Ниту новата бугарска партија Има таков народ (ИТН) не успеа да состави влада.
Најновите анкети пред предвремените избори на 11 јули покажаа дека Има таков народ останува во тесна трка со десноцентристичката ГЕРБ. Според анкетата на софиската „Алфа рисрч“, поддршката на Има таков народ, основана од ТВ-водителот Слави Трифонов, се искачи на 21,8 отсто од 17,7 отсто, кои ги освои на општите избори во април, кога беше втора по големина партија. ГЕРБ ги мобилизира своите приврзаници во пресрет на неделното гласање и заостануваше само 0,3 отсто зад ИТН, но, сепак, е под 26,2 отсто, кои ги освои во април.
Анкетата за јавното мислење сугерира дека поддршката за ИТН и нејзините потенцијални партнери, Демократска Бугарија и Исправи се! Мафија надвор!, повторно нема да биде доволна тие да соберат парламентарно мнозинство и да формираат влада.