Турскиот премиер ја предупреди Грција да се воздржи од „провокации“ откако грчко знаме беше поставено на спорниот, ненаселен остров во Егејско Море во близината на турското крајбрежје.
Премиерот Бинали Јилдирим за новинарите во понеделникот изјави дека турските крајбрежни стражари го отстраниле знамето од островот покрај брегот на егејското одморалиште „Дидим“, пренесе „Вашингтон пост“.

Јилдирим рече дека инцидентот е сличен на оној од 1996 година, кога двата НАТО-сојузника завојувале поради ненаселениот остров Имиа, т.е. Кардак на турски – за кого и Турција и Грција велат дека е нивен.
Јилдирим рече: „Нашиот совет за Грција е да се воздржи од провокации и вознемирувања… Решени сме да дадеме соодветен одговор“.
Во Атина, портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос рече дека Владата не знаела за инцидентот и ги опиша забелешките на Јилдирим како „провокативни и неоправдани“.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој даде изјава за односите меѓу Атина и Анкара, рече дека тие минуваат низ „период на нестабилност“, истакнувајќи дека Грција нема да преговара ниту за еден дел од својата територија.
Ципрас рече дека за источниот сосед на Грција има „порака за соработка“, но и „порака за одлучност“.

– Многупати, навистина, сме се нашле во тешки времиња, соочени со однесување за кое нема оправдување, со провокативен и агресивен став на нашите соседи. И навистина, овие денови минуваме низ таков период на нестабилност, кој не е во согласност со принципите за добрососедство, ниту со меѓународните правила – изјави грчкиот премиер.
Односите меѓу Грција и Турција се влошија изминатите недели поради спорната граница во Егејско Море и правото за истражување на нафта и гас кај крајбрежјето на поделениот остров Кипар.

Иако се сојузници во НАТО, односите меѓу двете земји често беа сериозно затегнати во текот на изминатите децении, претежно поради територијалните спорови во Егејско Море и во врска со Кипар, а дури трипати беа на раб на војна од почетокот на 70-тите од минатиот век.