Припадници на Посебната единица на полицијата ја блокираа Службата за заштита и спасување во Будва, при што уапсени се седум пожарникари, пренесе „Вијести“.

Припадниците на Посебната единица ја напуштиле станицата на Службата за заштита и спасување, а во просториите останале полициски инспектори кои продолжиле со увидот.

Како што пренесува ТВЦГ, уапсени се седуммина пожарникари припадници на Службата за заштита и спасување во тој град, поради сомневање дека се дел од криминална група.

Повикувајќи се на свои сознанија, црногорскиот јавен сервис пренесува дека началникот на таа служба, Драган Божовиќ, вчера бил уапсен, по налог на Специјалното државно обвинителство и му е одреден притвор од 72 часа.

Полицијата во Будва вчера повторно ги уапси градоначалникот Марко Царевиќ и претседателот на општинското собрание, Крсто Радовиќ. Пред акцијата за апсење бројни полициски сили биле распоредени околу општинската зграда во која претходната ноќ останале уапсените први луѓе Царевиќ и Радовиќ, на кои неодамна им била изгласна недоворба од локалниот собраниски состав на Будва.

ТВЦГ додава дека Управата на полицијата вчера соопшти дека за време на инцидентот во Будва уапсила 17 луѓе. Поради апсењата во Будва, синоќа во повеќе градови дојде до собири на граѓани, а полицијата во Подгорица и Никшиќ употреби и солзавец за да ги растера собраните луѓе.

Според српските медиуми, скриена причина за апсењата на градоначалникот на Будва наводно е неговата поддршка на литиите кои Српската црква ги организира против Законот за вероисповед во Црна Гора.