Во писмо до високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, претседателката на Косово, Вјоса Османи, се согласи да се продолжи мандатот на ЕУЛЕКС за уште една година, јави Радио-телевизија на Србија.

Османи го извести Борел дека ЕУЛЕКС ќе има технички мандат, без извршна моќ, што се заснова само на следење, менторство и давање совети. Мандатот ќе може да се продолжи за уште една година ако Османи позитивно ја оцени работата на мисијата.

Од канцеларијата на Османи рекоа дека предложиле, врз основа на барањата и потребите идентификувани од приштинските институции, институциите на ЕУ да обезбедат експертиза, советодавни услуги и финансиска помош за прашања поврзани со реформите во судството.