СРБИЈА

Владата на Србија донесе уредба за исплата по 100 евра, со која на пензионерите и на корисниците на социјална помош ќе им бидат исплатени автоматски, а другите граѓани ќе мора да се пријават телефонски за да го остварат ова право. Како што информира министерот за финансии Синиша Мали, овој надомест што се дава како финансиска помош за санирање на последиците од коронавирусот ќе почне да се исплатува од 15 мај годинава. Во првата група ќе бидат опфатени околу 1,7 милион пензионери во Србија.

– На седницата на Владата е усвоен и ребалансот на буџетот, кој ги опфаќа сите мерки за помош на домашната економија, а исплатата на минималната плата почнува во првата недела од мај. Сите други полнолетни граѓани ќе мора да се пријават за да им се исплати надомест од 100 евра. Тие ќе мора да се јават на телефон, зашто деновиве слушав изјави дека некои не сакаат да ја искористат оваа мерка – изјави Мали.
Со ребалансот на буџетот ќе бидат издвоени две милијарди динари за 400 илјади нови ваучери за граѓаните на Србија од по пет илјади динари, за да можат летото да го поминат во домашните хотелски објекти.

Кризниот штаб за спречување на ширењето на епидемијата најави постепено укинување на мерките за заштита од вирусот. За викендот важи ограничувањето на движењето на луѓето од 18 часот во петок до пет часот наутро во понеделник. Од коронавирусот во Србија се заразени 7.276 лица, а починаа 139.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави нормализација на животот и на економските активности од четврти мај.