Меѓународниот аеродром во Приштина „Адем Јашари“ ја обвини денеска Управата за цивилно воздухопловство на Република Србија дека шири лажни вести оти приштинскиот аеродром е затворен за сообраќај и не издава дозволи за оперирање, јави дописникот на МИА од Приштина.

Менаџерот за планирање на летовите во приштинскиот аеродром, Дритон Хисени ја објави пораката со која српската државна воздухопловна агенција предупредува меѓународен оператор да не лета за Приштина, бидејќи, наводно, тамошниот аеродром ќе бил затворен во текот на утрешниот ден.

Хисени, како што пренесе порталот „Коха.нет“, му порачал на странскиот оператор, кој од него побарал дополнителни информации, дека се работи за „уште еден обид на српските власти да ги доведат во заблуда“ партнерите на приштинскиот аеродром.

– Освен блокадата на воздушниот сообраќај над српска територија кон аеродромот „Адем Јашари“, српските власти продолжуваат со лаги и обиди за доведување во заблуда на воздушните оператори. Од завршувањето на нашата ослободителна борба, Цивилното воздухополовство на Србија ги дезинформира воздухопловните оператори со пораки дека аеродромот во Приштина е затворен за сообраќај и деке не се издаваат дозволи за оперативна работа. Таква порака е испратена денеска и до еден оператор кој планира утре да го користи аеродромот „Адем Јашари“ – напиша Хисени на Фејсбук.

Тој порача дека „сега дозволите ги издава Косово“ и оти „лажговците никогаш веќе нема да ја имаат таа можност“.