Приштинскиот портал „Газета експрес“ објави документ во кој, меѓу другото, постои и обврска Косово да ги укине царините за Србија, пренесува „Спутник“.

Според информациите од регионалните медиуми, се работи за документ потпишан во Берлин за воспоставување авио-линија на релација Белград-Приштина.

Приштинскиот портал тврди дека наводно го поседува целосниот документ што двете страни го објавиле како „писмо со намери“ и тоа како посебни документи во однос на тоа што двете страни поединечно се обврзуваат да испорачаат со цел слободни воздушни коридори.

Косово, според документот за приштинската страна и КФОР со „Луфтханза“, исто така се обврзува дека договорите за слобода на движење и т.н. ИБМ договор (за интегрирано управување со премините), кои се постигнати во Брисел, ќе се однесуваат на патници, пошта и товар што ќе се пренесуваат на оваа релација, пренесе Б92.

Приштинскиот весник „Коха диторе“ проценува дека косовската државност е доведена во прашање во документот потпишан од косовска страна во Берлин, бидејќи во него се избегнува употреба на називите на косовските институции.

– Во писмото потпишано од Косово се зборува за отворање посебна линија меѓу Приштина и Белград, но се избегнува терминологија за именувања на државните институции – пишува приштинскиот весник.