Координаторот на Владата на Косово за дијалогот со Србија, Авни Арифи, изјави дека Приштина одбила да учествува на состанокот во Брисел најавен за денеска, кој требаше да биде посветен на формирање на заедницата на српски општини (ЗСО).
– Ние инсистираме на дијалогот и да се зборува за сите теми. Од српска страна беше соопштено дека единствена причина за учество во разговорите е формирање на асоцијацијата на општините со мнозинско српско население. Или ќе се спроведат сите спогодби или нема ни еден – изјави Арифи.
Тој за Радио Слободна Европа изјави дека во барањето за продолжување на дијалогот беа испратени неколку теми за кои би требало да се расправа. Одговорот на надлежните во Брисел беше дека треба да се продолжи со процесот за формирање на ЗСО, што беше одбиено од косовската страна.
– Оваа покана докажува дека тимот на Европската Унија за посредништво во техничкиот дијалог меѓу Косово и Србија стана десна рака на српската делегација и служи само за српските интереси и за остварување на нивните агенди. ЕУ падна во замката на Србија, која успеа прашањето за ЗСО да го стави меѓу највисоките приоритети во дијалогот – напиша Арифи во соопштението до јавноста.
Директорот на канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, за РТС вели дека приштинското одбивање да се продолжи дијалогот е опасно и неодговорно и ги негира претходно преземените обврски.
– Пораките што можат да се слушнат деновиве од косовските политичари се противат на идејата за дијалог и го водат во ќор-сокак. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, предупредуваше дека од Приштина немаат намера да ги спроведат преземените обврски. Беше потребно кратко време за да се види дека намерите на Приштина биле неискрени – изјави Ѓуриќ.