Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека двајца функционери од Канцеларијата за врски на Руската Федерација во Косово се прогласени за персона нон грата.

Причина за таа одлука, како што вели, се нивните штетни активности со кои се нарушиле националната безбедност и уставниот поредок на Косово.

Вјоса Османи на „Фејсбук“ напиша дека тоа било нејзино барање до министерката за надворешни работи, Доника Гервали, која, како што вели, денеска донела одлука двајца службеници да бидат прогласени за непожелни лица.

Таа додаде дека во исто време косовското Министерство за надворешни работи ги информирало институциите за спроведување на законот и надлежните органи за спроведувањето на таа одлука.

„Институциите на Република Косово се решени да се борат против малигното влијание на Руската Федерација и нивните сателити во регионот, кои работат на уништување на нашите и достигнувањата на САД, НАТО и ЕУ, Косово и нашиот регион да биде плен на дестабилизирачките амбиции на Руската Федерација. Ги уверувам граѓаните дека институциите на Косово нема да се двоумат да дејствуваат секогаш кога ќе има нарушување на безбедноста и уставниот поредок во државата“, напиша Османи.