Сомневање во претходното признавање на Косово изразиле уште 12 земји

Новата косовска влада предводена од лидерот на Самоопределување Албин Курти, се соочува со предизвици на повеќе фронтови, што само им ги ослабнува преговарачките позиции во однос на Белград

Властите во Приштина во изминатата недела се наоѓаат под засилен притисок од меѓународната заедница за создавање услови за продолжување на замрзнатиот дијалог меѓу Србија и Косово. Се чини, новата косовска влада предводена од лидерот на Самоопределување Албин Курти, се соочува со предизвици на повеќе фронтови, што само ги ослабнува преговарачките позиции во однос на Белград. Српските високи функционери објавија нова победа во лобирањето на непризнавањето на Косово, додека пораките од Вашингтон до Приштина се однесуваат за брзо и целосно укинување на царинските бариери за производите од Србија и од Босна и Херцеговина.

Во исто време, кај албанските политичари сѐ повидливи и подлабоки стануваат разликите за (не)укинувањето на царините од страна на косовската влада
Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, вчера за „Танјуг“ изјави дека Сиера Леоне го повлекла признавањето на Косово како независна држава. Дачиќ во моментот се наоѓа во официјална посета на оваа држава.
– Може да ви ја покажам нотата на Министерството за надворешни работи во која се вели дека Сиера Леоне го повлекува признавањето на Косово и дека официјалните лица на оваа земја ветија дека ќе ги почитуваат резултатите што ќе се постигнат како резултат на посредството на ЕУ и ООН – изјавил Дачиќ.

Од друга страна, министерот за надворешни работи на Косово Глаук Конјуфца, рече дека тие сѐ уште не ја примиле вербалната нота во која Сиера Леоне го повлекува признавањето на Косово. Но тој призна дека има 12 земји што изразиле сомневање за признавањето на Косово.
Веста од Сиера Леоне може да ги измести следните чекори, кои се правеа од меѓународната заедница за одмрзнување на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Косовскиот премиер Албин Курти, како реакција за последниот успех на дипломатска офанзива на Србија, го обвини Белград дека несоодветно реагира на „добрата волја“ на Косово за делумно укинување на таксите, со интензивирање на кампањата за повлекување на признавањето на косовската независност.
– Ја повикувам официјална Србија да ја прекине офанзивата и да се откаже од деструктивната политика кон Косово и нејзината државност. Исто така, ги замолувам релевантните меѓународни актери, особено САД и ЕУ, како посредник во процесот на дијалог, да го зголемат притисокот врз Србија да престане со непријателската политика кон Косово – напиша Курти на Фејсбук.

Паралелно со дипломатските надмудрувања меѓу двете земји, во Вашингтон се води и главната битка околу придобивање на поддршката на САД на своја страна, во прифаќањето на предлозите за кои се залагаат од Србија и од Косово.

Српските медиуми, по средбите на официјалните лица во Вашингтон со претседателот на Србија Александар Вучиќ, пишуваат за постоење отворен судир меѓу премиерот Албин Курти и косовскиот претседател Хашим Тачи. Весникот „Блиц“ пишува дека САД ги ставаат сите карти на Тачи, за да издејствува целосно укинување на таксите за српските производи, а не само делумно како што го најави тоа Курти.
– Вашингтон е разочаран од потегот на Курти што го смета за провокација. Згора на тоа го сметаат за германски човек, што дополнително се компликуваат односите меѓу САД и Приштина. Америка и Германија различно гледаат на решение на косовскиот проблем. И на последната одлука на Курти се гледа како на порака од Берлин за Вашингтон – вели изворот на „Блиц“.

Расправиите меѓу албанските политичари може да го одложат почетокот на обновувањето на дијалогот, а со тоа и наоѓањето конечно решение. Различни ставови за воведувањето на царините беа искажани и на релацијата меѓу албанскиот и на претходниот косовски премиер, односно меѓу Еди Рама и Рамуш Харадинај. Рама смета дека царините за српските производи не ги дадоа очекувани политички ефекти, а со тоа само се изгуби довербата од меѓународната заедница.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ потврди дека имал состанок со Хашим Тачи во Вашингтон, но дека разговорот со него бил вообичаен и нагласи дека Белград чека да бидат укинати таксите, за да се продолжи дијалогот за суштински прашања. Тој најави дека во наредните денови и други држави ќе го повлечат признавањето на Косово, со што бројот на земји што се членки во Обединетите нации, кои го сториле тоа е сѐ поголем.