Косовското Министерство за надворешни работи тврди дека не добило известување од Сиера Леоне дека го повлекува признавањето независност на Косово, изјави за КТВ Илир Кркељи, советник на министерот за надворешни работи.

– Сè уште немаме добиено официјално известување – рекол тој, пренесува „Танјуг“.

И шефот на косовската дипломатија, Глаук Коњуфца, тврди дека Сиера Леоне не го повлекла признавањето. Тој на вонредна прес-конференција не одговорил дали во неговиот ресор постои документација за тоа кои држави досега го признале Косово.

Премиерот на Косово, Албин Курти, го повика Белград да ја запре кампањата за повлекувањето на независноста, а меѓународната заедница, особено ЕУ и САД, ги повика да го зголемат притисокот врз Србија, поради наводно непријателско делување против Косово.

Претходно, српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека Сиера Леоне го повлекува признавањето на Косово како независна држава.

– Тоа значи дека Косово повеќе нема мнозинство во ООН – рече Дачиќ.