Повисоките царини за стоките увезени од Србија дополнително ги зголемија тензиите меѓу Белград и Приштина, откако Косово не успеа да стане членка на Интерпол

По едностраната одлука на косовската влада за воведување повисоки увозни царини за сто отсто за производите од Србија и од Босна и Херцеговина, се огласи шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, која побара од Приштина веднаш да ја укине мерката, која претставува кршење на договорите на ЦЕФТА и на Договорот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Косово. Остри реакции имаше и од српските државни органи, а претседателот Александар Вучиќ одржа итен состанок со странските амбасадори во Србија.
– Ова дополнително ја влошува ситуацијата по првичното наметнување зголемен данокот од 10 отсто минатата недела. Косовската влада мора веднаш да ги укине овие одлуки – заклучи Могерини.

Премиерот на косовската влада, Рамуш Харадинај, одговори на повикот на Брисел за повлекување на царините за српските производи и рече дека тоа ќе го сторат откако Белград ќе ја прекине „агресијата на Србија“, објави „Газета експрес“.
– Оваа одлука не е неочекувана, Косово беше доволно толерантно и очекувавме Европската Унија да ја спречи агресијата на Србија, но тоа не се случи. Одлуката за зголемување на царините е суверена одлука на Косово, а доколку Белград ги почитува енергетската спогодба и уште некои други работи, состојбата може да биде вратена во нормала – изјавил Харадинај.

Косовската влада завчера соопшти дека воведува давачки од 100 отсто на сите стоки увезени од Србија и од Босна и Херцеговина. Со тоа дополнително се зголемија тензиите меѓу Белград и Приштина, откако Косово не успеа да стане членка на Интерпол. Тарифите стапуваат во сила веднаш и не се однесуваат на меѓународни брендови произведени во Србија и во Босна и Херцеговина.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, по воведувањето на таксите, свика седница на Советот за национална безбедност на која присуствуваше целиот државен врв на Србија.

Тој оцени дека на ваков начин, меѓу другото, се сакала безусловна капитулација на Белград и целосно признавање на независноста на Косово, како и изолирање и протерување на Србите од Косово и на оние јужно од реката Ибар и во северниот дел на Косово. Според Вучиќ, потенцијалната цел на Приштина со овој потег била да избијат судири и целосна дестабилизација на регионот.

– Србија нема да воведува контрамерки, ќе реагираме рационално, мирно и одговорно – рече Вучиќ, изразувајќи надеж дека ќе се избори за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел.

Прва директна последица од применувањето на новата мерка е поскапувањето на лебот, кој во многу места во Косово се продаваше за 30 отсто повисока цена. Сегашната цена на векна леб е меѓу 40 и 50 евроценти. Со нови цени се и брашното, пченицата, маслото, квасецот, солта и шеќерот.
Повисоките царини ги почувствуваа малите трговци, кои не располагаат со големи резерви на производи, објави РТС.

– Граѓаните се револтирани. Ова најмногу ги погодува обичните луѓе, кои живеат овде, а не политичарите – изјави Снежана Сојевиќ, трговец од Грачаница.
Царинските органи на Косово ќе забранат и увоз на сите производи на кои има ознаки „Косово и Метохија“, „Косово УМНИК“, „Косово 1244“, како и за производи со декларација на кои се користат само градовите без името на државата Косово. На социјалните мрежи вчера беше пуштено видео, на кое се гледа како неколку жители од Качаник палат српски производи.

Ова не е прва одлука на косовската влада за еднострано воведување повисоки царински давачки за увоз на производи од соседните земји. Во првата половина на јули годинава беше воведена и привремена мерка за македонските земјоделски производи со повисоки царини за 30 отсто.