Одржувањето брзи предвремени избори ќе значи и ново одложување на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а тоа ќе значи и нова политичка неизвесност не само во Косово туку и во поблиското соседство

Во рок од 40 дена во Косово треба да се одржат нови парламентарни избори, откако Уставниот суд го прогласи за неуставен изборот на актуелната влада. Деновиве ќе се одржат партиски консултации за датумот на изборите. Претседателката на парламентот и вршителка на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи, веќе ги повика политичките партии на разговор во врска со датумот на одржување на изборите откако Уставниот суд го прогласи за неуставен изборот на владата на Авдулах Хоти на 3 јуни. Уставниот суд на Косово донесе таква одлука затоа што за изборот на Владата беше пресуден гласот на пратеник што претходно бил осуден на затворска казна. Судот го оцени за неважечки гласот на пратеникот Етем Арифи, кој бил одлучувачки за време на гласањето за формирање на владата на Авдулах Хоти.
Ваквиот исход беше очекуван откако Косово влезе во нова политичка криза, по поведувањето судска постапка пред Специјалниот суд во Хаг, против неколкумина високи функционери во поранешната Ослободителна војска на Косово, за кои постои сомневање за сторени кривични дела за време на воениот конфликт, а во кои биле убиени околу сто лица од српска и од ромска националност, како и на политички противници на тогашната ОВК. Пред меѓународниот суд се најде и косовскиот претседател Хашим Тачи, кој беше принуден да се повлече од оваа функција, со што се отворија и политичките несогласувања на коалициските партнери во владата на Авдулах Хоти.

По парламентарните избори во март годинава, во Косово беше избрана нова влада предводена од Албин Курти, лидерот на Самоопределување, но по разидувањето на ставовите на релацијата Приштина – Вашингтон, тој мораше да се повлече од премиерската функција. Подоцна беше формирана влада со тесно и проблематично мнозинство во парламентот што на крајот беше оспорено и од Уставниот суд на Косово. Тогаш Курти го обвини американскиот посредник Ричард Гренел дека бил „директно инволвиран“ во уривањето на неговата влада. Курти тврдеше дека САД поддржувале размена на територии и отворено го обвини Ричард Гренел, специјалниот пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп во српско-косовските преговори, дека бил вмешан во поделбата на неговата партија и во судирот со коалициските партнери, поради што неговата влада го загуби мнозинството во парламентот.
Одржувањето парламентарни избори ќе значи и ново одложување на дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој по подолг период повторно беше обновен во септември, под силно влијание на Брисел. Тоа ќе доведе до нова политичка неизвесност не само во Косово туку и во поблиското соседство.

Особено што со евентуалната победа на партиите што ја поддржуваат и идејата за можна размена на територии, за што според пишувањето на медиумите, во претходните две години интензивно разговарале и косовскиот и српскиот претседател, Хашим Тачи и Александар Вучиќ.
Со реакција за одлуката на Уставниот суд на Косово вчера се јави претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, кој последните настани во Косово ги поврзува со апсењето на неколку косовски водачи.
– Тешко е да се најде некоја политичка гарнитура на Косово што ќе биде позитивна кон српските ставови. Несериозно е што помина толку време додека Уставниот суд во Приштина да донесе одлука со која падна тамошната влада. ЕУ постојано вели дека приближувањето на Србија зависи од преговорите со Приштина, која постојано наоѓа изговори за одложување на преговорите. Сега работата е да се спаси што може – изјави Дачиќ.

Американската амбасада во Приштина вчера ги повика сите страни и институции во Косово да ја почитуваат одлуката на Уставниот суд и да им обезбедат на граѓаните да ги одберат своите претставници на слободни, чесни и мирни избори.
Татјана Лазаревиќ, уредничка на порталот „Коссев“, вели дека распишувањето вонредни парламентарни избори е „продолжување на бламажата“, а сегашната влада покажала несериозност и неодговорност, затоа што потроши половина година за нешто што беше лесно, можеше да се провери, а тоа е дека Владата е избрана со еден неважечки глас. Освен тоа, одлуката на Уставниот суд е донесена по двомесечна криза за неуспешен избор на претседател на Косово, затоа што некои кандидати, како и Рамуш Харадинај, нивниот избор за претседател го условуваа со опстојување на косовската влада, додаде таа.