Паралелно со овие подготовки, се разгледуваат и сите правни механизми за евентуално санкционирање на жените што му дале поддршка на ИСИЛ, но се подготвува и програма за нивна дерадикализација

Во Босна и Херцеговина наскоро би можела да се врати првата група вдовици од Сирија чии сопрузи загинале во редовите на ИСИЛ, а тие моментално се наоѓаат во камповите што се под контрола на Курдите, дознава „Дневни аваз“.
Првата група е составена од три жени од БиХ, кои се наоѓаат во кампот „Ел-рој“ на брегот на реката Еуфрат. За оваа цел е формирано Координативно тело, кое ќе ги забрза активностите што се неопходни за безбедно враќање на жените, изјавил анонимен соговорник од Министерството за надворешни работи на БиХ.

– Се собираат сите податоци, пред сѐ за доказите дека тие имаат босанско државјанство. Се испитува и нивната улога во ИСИЛ. Засега соработуваме со нивните фамилии што се овде. Документите се комплетирани за три жени и за нивните деца, а сето тоа е во соработка со САД. Првата група жени би можеле да се вратат за брзо време – вели соговорникот на „Дневни аваз“.

Жените ќе бидат префрлени во БиХ со помош на службите на САД, а најверојатно тие ќе бидат пренесени директно со авион од Сирија. Паралелно со овие подготовки, се разгледуваат и сите правни механизми за евентуално санкционирање на жените што му дале поддршка на ИСИЛ, но се подготвува и програма за нивна дерадикализација.

„Гласот на Америка“ објави фотографија на една од жените во кампот Ел-Рој, за која се тврди дека е 30-годишната Сабина од БиХ, која е вдовица на поранешен припадник на ИСИЛ. Во својата изјава таа рекла дека дошла да живее во Исламската држава затоа што нејзиниот маж сметал дека ова е вистинското место за иднината на нивното семејство. За нејзината одлука да замине во Сирија, таа објасни дека тогаш била „млада и луда“.

Во овој камп во неповолни услови живеат 400 жени и деца, но и мажи од различни земји од светот, кои чекаат да бидат прифатени од нивните национални служби.

Двете тинејџерки со потекло од БиХ што заминаа во Сирија можат да се соочат со 15-годишна затворска казна доколку се вратат во татковината. Самра Кешиновиќ имаше само 16 години, а нејзината другарка Сабина Селимовиќ 15 години кога им се приклучија на џихадистите во април 2014 година. Во меѓувреме, тие се омажиле за борците на ИСИЛ и добиле и деца, а сега сакаат да се вратат во Австрија, пишуваат медиумите во регионот.