Припадникот на загоричкиот клан Саша Кликовац убиен е утринава пред семејниот ресторан „Кај Црногорецот“, во местото Цијевна, јавуваат црногорските медиуми.

Како што наведуваат, Кликовац бил во автомобил, а напаѓачот по убиството избегал.

Од Министерството за внатрешни работи на Црна Гора е потврдено дека денеска околу 9.50 часот непознато лице пукало кон 38-годишниот Кликовац, кој починал на самото место.

Полицијата ги има блокирано сите приоди кон местото на настанот.

Кликовац во полициските кругови бил означен како „лице од безбедносен интерес“.

Во април годинава тој бил уапсен откако ги прекршил мерките на Националното координативно тело за заразни болести, откако со уште неколку лица ја блокирал реконструкцијата на локалниот пат, и покрај забраната за присуство и задржување на јавни места на повеќе луѓе.