Босна и Херцеговина

Извештајот на германскиот експерт Рајнхард Прибе за состојбата во правосудството во Босна и Херцеговина ќе биде готов до крајот на септември или почетокот на октомври, за да може тој да биде земен предвид при одлучувањето во Европскиот совет за идните чекори на БиХ на патот кон европската заедница.

Повод за правење на извештајот се неразјаснетите убиства на Давид Драгичевиќ во Бања Лука и убиството на Денан Мемиќ во Сараево и тој формално-правно нема да има исто значење и тежина како и мислењето кое Европската комисија неодамна го усвои за кандидатурата на БиХ за ЕУ. Сосема е извесно дека Европскиот совет нема да донесе одлука за продолжување на европските интеграции доколку не бидат отстранети забелешките кои ќе бидат посочени од Прибе, поради можното вето на некои земји-членки на Европскиот совет.

Германскиот правник во случајот со БиХ ќе се занимава со функционирањето на полицијата и обвинителството, односот на полицијата и обвинителството во предистражните постапки и истраги, како и постапките на обвинителството по поведувањето на истрагите и на поднесувањето обвиненија. Прибе веќе имаше разговори со претставници на ентитетите и со државните функционери во полицискиот и во правосудниот сектор за двата случаи кои изминатата година предизвикаа големо незадоволство кај граѓаните на БиХ.