Посебен празничен режим се предвидува во сите балкански држави, чии граѓани во минатите години одлучуваа да ја пречекаат Нова година во некои од туристичките места во соседството

Земјите од Балканот ќе го следат примерот на членките на Европската Унија, кои се подготвуваат за прослава на претстојните празници и најавуваат воведување голем број ограничувања за граѓаните, кои годинава ќе мора да се приспособат на мерките за заштита од пандемијата на коронавирусот. Посебен празничен режим се предвидува и од балканските држави, чии граѓани во минатите години одлучуваа да ја пречекаат Нова година во некои од туристичките места во соседството.
Во медиумите во Србија може да се прочитаат и информации за можно воведување полициски час во деновите за пречекот на Нова година. Но тоа што е засега сигурно е дека здравствените власти ги заоструваат мерките и за влез на странски државјани, кои воведуваат задолжителен негативен ПЦР-тест. Оваа мерка стапува во сила од 20 декември. Негативен ПЦР-тест или карантин, српските власти воведуваат и за своите државјани. Доколку немаат негативен ПЦР-тест, тие ќе бидат обврзани да бидат во домашна изолација.
– Кога станува збор за контролата на патниците во меѓународниот сообраќај, донесовме одлука дека на сите странски државјани ќе им треба ПЦР-тест, без оглед на земјата од која влегуваат, и ова ќе важи од 20 декември најверојатно до 10 јануари. Сето тоа ќе зависи од моменталната епидемиолошка состојба – изјави Дарија Кисиќ-Тепавчевиќ, министерка за труд и социјални работи и членка на Кризниот штаб.
Во Србија се во сила мерки според кои сите објекти, освен прехранбените продавници, аптеките и бензинските пумпи, работат до 17 часот, а за време на викендите не работат, и забрането е и собирање на повеќе од пет лица.

На неколку интернет-страници во Белград се рекламира пречек на Нова година со прослави во клубови, ресторани и кафулиња, но со задолжително носење маски и одржување дистанца!
Во Словенија, која се соочи со голем број заболени лица од ковид-19, владата на Јанез Јанша на последната седница донесе некои олеснителни мерки за движење на граѓаните, но овој „порелаксиран“ режим нема да трае долго. По најстрогите мерки воведени кон крајот на октомври, словенечката влада донесе одлука за ублажување на некои од нив, па така од вчера повторно функционира јавниот сообраќај, а се отвораат и фризерниците, цвеќарниците, салоните за миење автомобили и сервисите за хемиско чистење. Според неофицијални информации, Владата се подготвува за целосно затворање на земјата во периодот од 24 декември до 4 јануари. Новата блокада би значела затворање на сè, освен на здравствените установи, аптеките и продавниците за храна. Работниците во другите индустрии би заминале на колективен годишен одмор во тој период.
– Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, поради ризикот од собирање поголем број луѓе на исто место, во сила ќе бидат порестриктивни епидемиолошки мерки. Имаме високо ниво на заболување од коронавирусот. Новите мерки ќе бидат предложени во предвидениот рок. Во зависност од влошувањето на епидемиолошката слика, новиот режим може да биде донесен и порано. Од граѓаните зависи како ќе се однесуваат. Не може да им забраниме дали некој ќе слави или не, но замолуваме тоа да бидат семејни празници, бидејќи така ќе им помогнат на државата и на заедницата, но и самите на себе и на своите семејства – соопшти Игор Галиќ, директорот на Институтот за јавно здравје.

Новите мерки што беа донесени во саботата во Хрватска ќе траат до 10 јануари, а се однесуваат на ограничување на максималниот број купувачи во продавниците. Претходно од Хрватскиот национален штаб соопштија дека до 21 декември ќе се анализира ефектот на воведените мерки и ќе се одлучи дали за празниците ќе биде потребно заострување или олабавување на мерките. Мерките што беа воведени во Хрватска на 28 ноември, а се во сила до 21 декември, главно се однесуваат на ограничување на собирањата. Затворени се кафулињата и рестораните, алкохол не смее да се продава по 22 часот, на отворен простор на едно место може да има најмногу 25 лица, а на приватните собирања не повеќе од 10. Забранети се и божиќните пазари.
Бугарскиот министер за здравство, Костадин Ангелов, рече дека ќе инсистира да не се олеснуваат рестриктивните антиепидемиски мерки од 21 декември.
– Прерано е да се олеснат мерките од 21 декември. Како лекар и министер, верувам дека не смеат да се дозволуваат ноќни собири и пијанства во рестораните. Би било прерано – рече Ангелов, додавајќи дека 150 новоинфицирани лица на ден не е добра статистика, пренесе агенцијата БТА.
Грчките власти истакнаа дека рестораните и училиштата ќе бидат затворени до 7 јануари, ќе има и полициски час од 21 до 5 часот, а рестрикциите за движењето меѓу регионите ќе бидат во сила до идниот месец. Портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас, во петокот рече дека црквите ќе останат затворени до 7 јануари 2021 година, со исклучок на Божиќ (25 декември) и Водици (6 јануари), кога ќе биде дозволено присуство на верници, односно до девет лица во црквите и најмногу 25 во соборните храмови. Оваа одлука предизвика негативни реакции кај дел од митрополитите во земјата, а црквата бара едно лице на 10 квадратни метри, со најмногу 25 лица во малите цркви и до 50 лица во соборните храмови. За начинот на кој ќе работат црквите за новогодишните и божиќните празници, во период кога Грција е во карантин, разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и поглаварот на Грчката православна црква архиепископот, Јеронимос.

Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство на Македонија го разгледа пакетот мерки за периодот од 18 декември до 21 јануари што треба да бидат усвоени и на Владата. Тоа значи угостителските објекти да се затвораат во 18 часот, наместо до 21 часот, како што беше досега. Остануваат во сила забраната за собири на јавни места и препораката за забрана за групирање по плоштади за пречек и прослава на Нова година, како и секаков вид собири во периодот на празниците. Во наредниот период Комисијата ќе достави и препорака за групирање во станови за претстојните празници. На хотелите им се забранува работа на рестораните и на баровите по 21 часот. Во сила е забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, додека за внатре во објектите во сила е препораката максималниот број на лица да е не повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите лица да се со маски.