Претставниците на Република Српска ќе ја прекинат работата во одлучувањето во заедничките институции додека не биде усвоен новиот закон за Уставниот суд според кој нема да има странски судии во тој суд, најави претседателката на РС, Жељка Цвијановиќ, пренесува „Спутник“.

По состанокот на претставниците на Република Српска во институциите на БиХ и лидерите на парламентарните политички партии во Република Српска, Цвијановиќ рече дека тоа е првиот заклучок од состанокот. Вториот заклучок е дека ќе биде побарано одржување итна седница на Народното собрание на Република Српска. Цвијановиќ посочи дека и двата заклучока се донесени едногласно.

– Сакавме да го слушнеме мислењето на претставниците на РС, претставниците на РС во институциите на БиХ и на лидерите на политичките партии во републиката по што постигнавме согласност и ги донесовме заклучоците – рече таа.

Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, најави дека в понеделник ќе биде одржана посебна седница на Народното собрание на Република Српска, на чиј дневен ред ќе се најдат одлуките на Уставниот суд на БиХ.

– Ако дотогаш не биде решен проблемот, ќе се повлечат српските судии од Уставниот суд на БиХ – рече Додик.