Претседателските избори во Црна Гора ќе бидат повторување на референдумот за независност, а истовремено и гласање за НАТО и за ЕУ, оценува московски „Комерсант“. Весникот пишува дека фаворити на изборите на 15 април се лидерот на владејачката Демократска партија на социјалистите и прозападно ориентиран Мило Ѓукановиќ и опозицискиот кандидат Милан Бојаниќ, кого го споменуваат како просрпски и антинатовски политичар.

Кампањата на овие избори е најкратка досега, затоа што опозицијата и владејачката партија до крајот тактизираа со истакнување на кандидатурите. Главно прашање беше дали ќе се кандидира Мило Ѓукановиќ или поранешната министерка за одбрана Милица Пејовиќ Ѓуришиќ, но преовладеа ставот дека влогот на овие избори е превисок за да се игра со резервна варијанта, пишува рускиот весник.

Во црногорските избори постои и „рускиот фактор“, како и на последните парламентарни избори во 2016 година, кога Москва отворено ја поддржа опозицијата претставена од Демократскиот фронт, која е против влегувањето на Црна Гора во НАТО. – Во Москва денес директно не изразуваат поддршка на ДФ, но, според изјавите на руски политичари, негативниот однос спрема Ѓукановиќ не е битно променет – пишува „Комерсант“.