БУГАРИЈА

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска ќе издаде указ за формирање нова привремена влада на Бугарија, со главна задача да се подготват предвремени парламентарни избори, како и изборите за претседател на државата, кои треба да се одржат на 14 ноември. Привремениот премиер Стефан Јанев и членовите на Советот на министри ќе им претстават на медиумите извештај за активностите на преодната влада, објави владината прес-служба.
Сѐ уште не е јасно дали клучните министри за надворешни работи, за внатрешни работи, за одбрана, за економија и за финансии ќе ги задржат своите функции, или дали бугарскиот претседател ќе назначи нови личности што ќе ги заменат, и дали Стефан Јанев ќе продолжи да биде привремен премиер и во следните 100 дена.
Преодниот бугарски премиер Стефан Јанев очекува да биде премиер на идната влада. Тој ова го соопшти вчера во Габрово, како одговор на новинарските прашања на отворањето на учебната година во локалното основно училиште „Неофит Рилски“, јави БТА.
Според преодниот премиер, со оглед на актуелната политичка ситуација и фактот дека ниту 45-то ниту 46-то Национално собрание не успеале да изберат стабилно парламентарно мнозинство и влада, во согласност со Уставот, претседателот Румен Радев најверојатно веќе има потпишано указ што ќе стапи во сила денеска.
Според него, „најважната задача на преодната влада е одржување на следните избори“.
Премиерот нагласи дека граѓаните можат да бидат сигурни – до крајот на годината ќе има финансиски средства за да се одговори на неколкуте кризи што се појавуваат, поради пандемијата на коронавирусот.