Шефот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, повика на земјите од Западен Балкан да им се дозволи влез во Европската унија, нарекувајќи го проширувањето позитивен проект за мир и просперитет.

– Проширувањето може да донесе огромни придобивки и за регионот и за Европа во целина и ќе помогне да се обезбеди стабилен, просперитетен и мирен континент – изјави претседателот на парламентот на ЕУ, Давид Сасоли, за Funke Mediengruppe.

Темпото, додаде тој, ќе зависи од исполнувањето на критериумите за пристап.

– Сè уште треба да се спроведат реформи во секоја од овие земји – рече Сасоли, додавајќи дека Европската унија исто така мора да ги исполни своите ветувања и да го признае напредокот.

ЕУ веќе преговара за влез во ЕУ со Црна Гора и Србија, додека Албанија и Северна Македонија се официјални кандидати, а Босна и Херцеговина, како и Косово се сметаат за потенцијални кандидати за преговори, потсетува германската агенција ДПА.