Прераспределба на цел сектор од грчката полиција поради „погрешно“ отпечатените нотеси

По наредба на началникот на грчката полиција, вкупно 13 лица вработени во одделот одговорен за издавањето на нотесот за 2019, биле преместени во други служби, поради мапата на која пишувало Македонија и Северен Кипар.

Според грчките медиуми, надлежниот Оддел за публикации на Дирекцијата за комуникација во грчката полиција не ги проверил нотесите кога биле доставени, а проверка немало ниту кога од фирмата задолжена за печатење бил доставен првиот примерок.

Заменик министерката за цивилна заштита на Грција, Катерина Папакоста, говорејќи за грчкото радио „Скај“ рече дека станува збор за сериозно прашање, јави дописничката на МИА од Атина.

– Според моето мислење, ова е многу сериозно прашање. Но, тоа, во никој случај, не може да влијае на угледот и престижот на грчката полиција, која е многу формална за овие прашања и има многу филтри на контрола – рече Папакоста.

Нотесите за 2019 со знакот на грчката полиција, а доставени за продажба до сите полициски служби низ цела Грција се повлекуваат бидејќи на отпечатената мапа пишува Македонија и Северен Кипар.

По објавените фотографии и реакциите во грчките медиуми, од грчката полиција соопштија дека за печатењето била задолжена приватна компанија, дека ќе се спроведе внатрешна истрага, а нотесите ќе бидат повлечени.

Грчките медиуми, за целиот случај коментираа дека е голем гаф и голема грешка на полицијата.