Кој ќе профитира од пониските даноци, потрошувачите или трговците?

Со даночните реформи во Хрватска би следувал раст на платите во просек од 300 до 1.700 куни и тоа за помал дел од населението, главно за политичарите и за претставниците на управните одбори

Даночната реформа денеска ќе се најде на разгледување пред хрватскиот парламент и со нејзиното изгласување се предвидува да се намали данокот на додадена вредност и ќе се зголеми неоданочениот дел од платата. Во измените на Законот за ДДВ од 2019 година се предвидува проширување на примената на пониската даночна стапка од 13 отсто за детски пелени, за испорака на живи животни, месо и прехранбени производи од кланица, за риби и ракови, за зеленчук, овошје, јаткасти плодови и за јајца. Со новите предлог-решенија се намалува и општата стапка на ДДВ на 24 отсто од 2020 година. Во даночниот пакет на реформите се и измените на законите за промет на недвижности и за данокот на добивка на доходот.

Министерот за финансии, Здравко Мариќ, изјави дека новите даночни реформи ќе ги почувствуваат граѓаните со финансиските олеснувања во износ од две милијарди куни. Нова ТВ направи анализа за тоа колкави ќе бидат придобивките за граѓаните од примената на новите даноци или тоа ќе им биде во корист само на трговците. Според најавите од Министерството за финансии, со новите измени ќе бидат опфатени 60 отсто од производите што влегуваат во потрошувачката кошничка. Но како што забележуваат аналитичарите, државата нема ниеден инструмент со кој би влијаела врз трговските синџири да ги намалат цените на производите, кои ќе бидат опфатени со даночни олеснувања.

Од направените проекции со намалувањето на ДДВ од 25 на 13 отсто, цената за килограм пилешко месо би требало да се намали од 29 на 26,22 куни. Хрватите, по пилешкото, најмногу консумираат свинско месо, кое од 34 куни ќе треба да се продава за 30,74 куни, десет јајца од 15 за 13,56 куни, килограм јаболка од 8 куни за 7,23, килограм риба сардела од 18 за 16,27 куни. Поевтинување се очекува и кај детските пелени од 100 куни на 90,40 куни.

Кај делот на платите даночните реформи ќе се одразат кај оние со повисоки плати, но затоа од хрватската влада соопштуваат дека работниците ќе ги почувствуваат благодатите со намалување на придонесите. На пример, доколку работникот прима плата од 3.500 куни, платата од 2019 година ќе му биде поголема за 21 куна. Нивниот број изнесува 247.000. На оние со плата од 6.000 куни, платата би требало да им порасне за 30 куни. Оваа придобивка ќе ја почувствуваат 443.000 граѓани.

Најголемо зголемување на платите ќе имаат оние со месечни приходи од 14.500 куни, кои ќе добиваат 80 куни повеќе. Во оваа категорија се 54.000 лица.

Работодавците велат дека со даночната реформа нема да можат да ги задржат лекарите и ИТ-инженерите. Тие имаат критики за делот што се однесува на зголемувањето на неоданочениот дел од платите. Досега тој изнесуваше 24 и 36 отсто за приходи во висина до 17.500 куни. Со измените ќе изнесува 24 отсто за износи до 30.000 куни годишно и 36 отсто за износи над 30.000 куни. Наредниот период би следувал раст на платите во просек од 300 до 1.700 куни и тоа за помал дел од населението, главно за политичарите и за претставниците на управните одбори, пишува „Дневник“.

Од Нова година работник со просечна плата од 6.000 куни во Загреб ќе очекува плата повисока за 40 куни, а хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ за 489 куни, се забележува во текстот на „24 часа“. Ова би било трето зголемување на платата за две години откако стана премиер. Неговата плата би требало да изнесува 22.067 куни.