Во Црна Гора функционираат 14 банки, а Централната банка на ЦГ треба да одлучи дали сите ќе добијат дозвола за работа, откако ММФ неодамна предупреди дека има многу банки споредено со големината на земјата. Во извештајот на ММФ за октомври, се посочува дека во Црна Гора има многу банки и ѝ се препорачува на ЦБЦГ внимателно да ги издава новите лиценци. На црногорскиот пазар работат 13 банки, а во текот на годинава Атлас и ИБМ банка влегоа во стечај.

– Со 13 банки во мала земја, со високите фиксни трошоци и сѐ поголемите регулаторни трошоци, по примената на бонитетната рамка од Басел 3, се отвораат дополнителни предизвици за заработката на малите банки – се наведува во извештајот на ММФ.
Директорот на секторот за контрола на банките во ЦБЦГ Дејан Вујачиќ, на последната седница на Собранискиот одбор за економија, буџет и финансирање, соопшти дека има уште едно ново барање за отворање банка.

Претседателот на управниот одбор на Здружението на банките Младен Рабреновиќ, во изјава за „Вијести“, рече дека Централната банка располага со дискрециско право за издавање дозвола за отворање банка. Тој објасни дека не може да се каже колку банки се потребни на еден пазар, затоа што тоа зависи од самиот пазар и од одлуките на фирмите дали ќе влезат на банкарскиот пазар.

Собранискиот одбор гласаше за пакет предлог-закони, кои се однесуваат на работењето на банките, за санацијата, стечај и ликвидација на банките и за работата на Фондот за заштита на депозити. Со новите измени се предвидува зголемување на основачкиот капитал од пет на седум милиони евра. Се предвидува формирање посебен фонд за помош на банките, кој ќе се полни од уплати на банките.