Хрватската државна комисија за евалуација на законските критериуми и искуства во државите во Европската Унија ќе предложи нови измени во Законот за абортус. Според најавите, најверојатно, ќе се предложи можноста за советување пред одлуката на жената да ја прекине бременоста, ако таа го сака тоа.

Во некои земји од ЕУ советувањето е задолжително, а во други тоа зависи од волјата на жената. Во секој случај, во новиот закон за абортус во Хрватска ќе остане обврската прекинот на бременоста да се прави само во овластени установи. Соговорниците на „Јутарњи лист“ велат дека, според досегашната практика, абортусите се „префрлаат“ во графата за спонтани прекини на бременост што е причина нивниот број во Хрватска да биде намален во однос на другите земји во ЕУ. Во Хрватска во последната година имало 2.416 индуцирани абортуси и 1.326 спонтани, што е за осум пати помалку од пред 1990 година.

Една од новините во законот ќе биде и одредбата за правото за повикување на совеста на гинекологот, затоа што некои од лекарите не мораат да го прават тоа што го имаат како право според другите прописи. Сегашното решение предвидува доколку во некоја овластена клиника ниеден гинеколог не сака да прави абортуси, болницата мора да го договори со друга институција во која ќе ги испраќа пациентките. Останува и решението со кое жените сами ги плаќаат медицинските услуги. Во повеќето европски држави индуцираните абортуси паѓаат на товар на пациентката.

Законот за абортус е чувствителна политичка тема во Хрватска и сите досегашни влади избегнувале да ги донесат новите измени. Најголемиот притисок доаѓа од Католичката црква, која се против на правото на абортус.