Се очекува со новата методологија што беше претставена од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи пред амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија да се откочи процесот за проширување за земјите од Западен Балкан, кој повеќе месеци беше во застој поради отпорот на Франција и други европски земји

Eвропа со јасна порака до државите на балканот

Ниедно ново поглавје нема да може да се затвори пред да се исполнат сите преодни мерила што се однесуваат на владеењето на правото е главниот елемент во документот за примена на новата методологија за пристапни преговори за Србија и Црна Гора. Се очекува со новата методологија што во средата беше претставена од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи пред амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија да се откочи процесот за проширување за земјите од Западен Балкан, кој повеќе месеци беше во застој поради отпорот на Франција и други европски земји, на досегашната практика на преговори со земјите-кандидати.
Црна Гора во декември 2010 година стана кандидат за членство во ЕУ, а преговорите ги почна во јуни 2012 година. Досега ги отвори сите 33 поглавја, од кои привремено се затворени три. Србија во последните четири години, од 35 поглавја во преговорите за членство со ЕУ, отвори 18, додека две привремено ги затвори.
Според Јована Маровиќ, извршна директорка на „Политкон мрежата“, новата методологија за преговори со ЕУ не воведува некои важни новини.
– Црна Гора и досега е фокусирана на поглавјата 23 и 24. Не гледам некоја системска разлика во преговорите, кои ќе се базираат на привремените мерки. Дополнително се зборува само за санкции. Суштински, сѐ е исто во смисла дека постои можност за блокада на преговорите. Мораме да ги одблокираме процесите во самата држава што се однесува до правосудството, мора да имаме мерливи резултати – вели Маровиќ за РТЦГ.

Зорка Кордиќ, главна преговарачка на ЦГ со ЕУ, во реакцијата за Радио Слободна Европа изјави дека новата методологија ќе ги унапреди преговорите.
– Уверени сме дека во текот на португалското претседателство Советот на Европа ќе одржи прва политичка меѓувладина конференција што би била важна поради вкупниот степен на интеграција на нашата земја и остварување на клучниот приоритет во преговорите, како што е владеењето на правото. Владата на Црна Гора е посебно фокусирана на борбата против организираниот криминал и корупција – наведува Кодриќ.
За Момчило Радуловиќ од невладината организација „Европско движење во Црна Гора“ новиот документ дава повеќе прашања отколку одговори.
– Се чини нејаснотиите не придонесуваат за подобар процес на преговори, туку се остава многу повеќе простор за отежнување, а не за приклучување на државите од Западен Балкан кон Европската Унија – вели Радуловиќ.
Министерката за европски интеграции Јадранка Јоксимовиќ изјави дека Србија многу порано дала согласност за новата методологија за прием во ЕУ, пренесува Б92.
– Тоа што е најважно, со новата методологија се засилуваат оние елементи што веќе биле важни за нашиот процес, кој е многу ригорозен, што е воден со другите држави, а кои сега се членки на ЕУ – објасни Јоксимовиќ.
Две недели претходно српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека нејзината земја очекува да добие „појасни насоки од новата методологија и модалитети за нејзина примена“.

– Србија ја прифати новата методологија, верувајќи дека ќе овозможи конкретни и поволни начин на водење преговори со европските институции – изјави тогаш Брнабиќ.
Според експертите, без напредок во борбата против корупцијата, овозможување на слободата во медиумското информирање и воспоставување демократски амбиент за размена на мислења од собраниската говорница, која сега служи за напади на новинари, невладини организации и политички неистомисленици, нема напредок во преговорите на Србија со Унијата.
– Ние не знаеме каде се границите на поделбата на власта во Србија, нема поделба и обезбедување рамнотежа на властите, туку се врши политичка власт, особено над правосудството – смета Срѓан Мајсторовиќ за РТС.
Наташа Драгојловиќ, координаторка на Националниот конвент на Србија во ЕУ, смета дека ревидираниот начин за пристапување на Србија и Црна Гора кон ЕУ претставува зацврстување на веќе зададените правила за државите кандидати.
– Без напредок во кластерот за владеење на правото не може да има напредок и во другите поглавја. Тоа ќе биде услов над сите услови и за пристап до парите што се наоѓаат во програмата за инвестирање во регионот – објаснува Драгојловиќ за РСЕ.
На минатонеделниот економскиот форум што се одржа во Тирана, еврокомесарот за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеи, порача дека е важно „Македонија да го одржува темпото на спроведување на реформите, но важно е брзо да се најдат заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања со Бугарија“.

Во однос на проширувањето на Унијата, Вархеи рече дека новата методологија во Унијата влијаела на преговарачките нацрт-рамки за Албанија и за Македонија, а земјите-членки сѐ уште не постигнале согласност и дека дискусиите продолжуваат. Тој се надева дека првите меѓувладини конференции ќе се одржат што е можно поскоро, за време на португалското претседателство со Унијата.
– Комисијата смета дека за првата меѓувладина конференција со Албанија за почеток на преговорите со ЕУ се исполнети сите услови, благодарение на важните реформи во изборниот закон, владеењето на правото и во судскиот систем, вклучувајќи го и ветингот на судиите и обвинителите – рече Вархеи.