Во Хрватска учебна година ја повторуваат над сто првачиња, а во 2019 година наставата во прво одделение ја повториле 125 ученици. Податоците за претходните учебни години, исто така, се поразителни. Пред шест години првото одделение не го поминале 136 ученици, а рекорден број од 154 првачиња повторувачи имало во генерацијата 2015/2016, објави националната телевизија ХРТ.
Според податоците на Министерството за образование на Хрватска, со години најмногу повторувачи има во Вировитичка-подравската и во Меѓумурската жупанија, а најмногу ученици што ја повторувале годината има во седмо одделение, потоа во петто и во прво одделение.

– Досега не сум се сретнала со таква практика и затоа ме изненадуваат овие податоци – вели Марина Ухер, педагог од ОУ „Чазма“.
Мајда Ријавец, од Катедрата за психологија и од Учителскиот факултет во Загреб, смета дека е недозволиво учениците да го повторуваат првото одделение.
– Аргументот е дека тие не го совладале материјалот па затоа ќе им биде тешко да продолжат со образованието и затоа е потребно да бидат во прво одделение. Истражувањето во светот не го потврдуваат тоа. Следејќи го целото нивно образование од прво одделение до крајот на основното образование, покажуваат дека една година по повторувањето на годината децата се подобруваат, но потоа следува нов пад – објаснува Ријавец, во емисијата на ХРТ.

Златко Милиша, од Филозофскиот факултет во Осиек од Одделот за педагогија, забележува дека овие податоци се шокантни и загрижувачки, уште повеќе што од петто до осмо одделение, пет отсто од учениците се со одличен успех.
– Училиштето е образовна институција. Каква порака испраќа учителот до детето што почнало со образованието. Лошиот успех на детето е лош успех на наставникот. Зошто не ги следиме скандинавските земји и нивното описно оценување – прашува Милиша.

За ваквата состојба во образовниот систем во Хрватска не се виновни само наставниците, туку и државата од аспект на тоа колку пари е подготвена да одвои за развој на образовниот процес, сметаат експертите. Тие посочуваат на позитивните примери од другите земји, каде што тим психолози, педагози, дефектолози, лекари и социјални работници го следат ученикот и потоа се ангажираат за пронаоѓање начини за отстранување на причината за слабите резултати во наставата.