Фото: Архива

Судот ги разгледува случаите што произлегуваат од извештајот на Специјалниот истражен тим на ЕУ (СИТФ) од 2014 година, во кој се наведува дека неименувани претставници на ОВК ќе се соочат со обвиненија за „кампања на прогон“ на Србите, Ромите и на Албанците, за кои се верувало дека се соработници на режимот на Белград

Специјалниот суд за воени злосторства на т.н. ОВК би можел да поднесе први обвиненија во септември оваа година, објави „Бота сот“, повикувајќи се на неофицијални извори.
Како што наведува весникот, Судот веќе сослушал неколку сведоци, меѓу кои и сведок во Белгија за убиствата што се случиле по крајот на конфликтот во Косово.
Од канцеларијата на Специјалниот суд за злосторства на т.н. ОВК не ги коментираа тие наводи, објави „Бота сот“.
По големиот број проблеми и одложувања на формирањето на судот, кон крајот на минатата година, за претседателка на судот беше именувана Екатерина Трендафилова, правничка од Бугарија, судијка во Меѓународниот кривичен суд од 2009 до 2015 година. Трендафилова тогаш изјави дека „е почестена“ од назначување на таа позиција.
– Свесна сум за огромната одговорност дека пред специјализираните судови треба да се обезбеди примена на најдобрите искуства од судската практика и дека преку фер и непристрасни постапки, треба да се обезбеди правда, како за оние што се повикани на одговорност, така и на жртвите, на наводно извршените злосторства – рече таа.
Трендафилова, чиј мандат ќе трае четири години, стапи на функцијата во јануари.
Судот ги разгледува случаите што произлегуваат од извештајот на Специјалниот истражен тим на ЕУ (СИТФ) од 2014 година. Во извештајот се наведува дека неименувани претставници на ОВК ќе се соочат со обвиненија за „кампања на прогон“ на Србите, Ромите и на Албанците, за кои се верувало дека се соработници на режимот на Белград.
Наводните злосторства вклучуваат убиства, киднапирања, нелегални затворања и сексуални насилства.
Судот е составен од меѓународни судии и обвинители, а ќе функционира во рамките на законите на Косово.