Вуковарските бранители и млади гејмери почнаа со изработка на првата компјутерска игра под назив „Битка за Вуковар“. Во развојот на играта ќе учествуваат млади лица, кои немаат никаква врска со војната, а кои првпат го запознаваат Вуковар. Тие го посетија градот за да ги видат улиците и местата во кои се воделе жестоки улични битки. Еден од иницијаторите за создавање на видеоиграта е Дамир Плавшиќ, кој бил бранител од Хрватска. Тој изјави дека на овој начин сакал да ја прераскаже приказната за 87-дневната опсада на Вуковар.
– Вуковарската битка се изучува на голем број воени училишта, а Хрватска нема ни еден филм за тоа. Овој проект е голема работа, а компјутерската игра е медиум преку кој сакаме да стапиме во контакт со младите, за да ја пренесеме вистината за вуковарската битка, но и за војната во Хрватска – изјави Плавшиќ, за „Ал џезира“.
Играта ќе биде достапна до сите, ќе може да се симнува бесплатно, за да се рашири во светот. Демо-верзијата ќе биде за една година, а целосната за три-четири години. Изработката на играта ја финансира хрватската дијаспора.
Претседателот на вуковарското здружение „Мировна група на млади Дунав“, Саша Бјелановиќ, вели дека не гледа ништо позитивно во овој проект.
– Не гледам како некоја воена игра може да биде едукативна. Целата приказна е промашена, глупаво е да се прави нешто што завршува со една трагедија, разурнати градови и илјада загинати – вели Бјелановиќ.