Пратениците на групата Алтернатива за Војводина во Собранието на Војводина денеска беа исфрлени собраниската сала, откако на почеток на седницата развија транспарентот со натпис: „Слободни медиуми, слободни избори, слободни институции“.

Тие претходно најавија дека поради нападот врз лидерот на опозициската партија Левица на Србија (ЛС), Борко Стефановиќ во Крушевац и „задушувањето на демократијата во Србија“ нема да учествуваат во работата на Собранието на Војводина.

Членот на пратеничката група Алтернатива за Војводина и повереник на опозиционата Народна партија (НС) за Војводина, Борислав Новаковиќ, кој на сакото носеше лепенка со ист натпис, се судри во собраниската сала со претседателот на пратеничката група на владејачката Српската напредна партија (СНС), Миленко Јовановиќ, кој му довикуваше „денеска налепница, утре наножница“.

По инцидентот, кој досега е не забележан во собранието на Војводина, Јовановиќ ја повтори истата реченица и пред камерите, нарекувајќи го Новаковиќ и другите од претходната власт „крадци кои ја ограбиле Војводина“, додавајќи дека „таквите лица треба да се згрижат во соодветни институции“.

Новаковиќ, од своја страна, оцени дека однесувањето на Јовановиќ е „карактеристично за владеењето на Српската напредна партија“, која, како што рече, „ги узурпирала обвинителството, полицијата и судството заедно со другите институции“.