Демократијата не може да биде жртва на пандемијата, порачуваат од Европскиот парламент

Веста за заседавање на Народното собрание на Србија следува по предупредувањето на официјални лица од Европската Унија, која забележа дека се „суспендира демократијата“ поради вонредната состојба со епидемијата

СРБИЈА

Во зависност од епидемиолошката состојба, наредната седница на Собранието на Србија ќе се одржи в понеделник, а тоа ќе биде прва седница од почетокот на епидемијата на коронавирусот. Иако претходно постоеше опција седницата да се одржи на друго место, таа ќе биде реализирана во собраниската сала, со спроведување на сите здравствени и превентивни мерки. Според пишувањето на „Новости“, пратениците ќе седат на секое трето место, а во партерот и галеријата има вкупно 501 место. Се очекува на седницата да присуствуваат 150 пратеници, а сите ќе носат маски, визири и ракавици.

Планот е седницата да трае колку што е можно пократко. На оваа седница не се предвидува укинување на вонредната состојба што е воведена во Србија заради спречување на ширењето на епидемијата.
Почетокот на работата на Собранието го најави српскиот претседател Александар Вучиќ, а како можни термини ги наведе понеделник или вторник идната недела. Заради поголема здравствена заштита нема да бидат ангажирани сите собраниски службеници и административни работници. Но најверојатно нема да работи ни собранискиот ресторан.

Веста за заседавање на државниот парламент следува по предупредувањето на официјални лица од Европската Унија, која забележа дека се „суспендира демократијата“ поради вонредната состојба со епидемијата. Пратеничката на Европскиот парламент и претседателка на делегацијата на ЕП за Србија, Тања Фајон, ги повика властите на Западен Балкан да се обезбеди уставната улога на парламентите во надгледување на мерките за борба против коронавирусот.
– Суспензијата на демократијата не е опција во овие тешки времиња – напиша Фајон на својот твитер-профил на 15 април годинава.

Во исто време и известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик, посочи дека во овие времиња на криза е исклучително важно парламентите на земјите-кандидати за членство во ЕУ да продолжат да ја играат својата уставна улога.
– Демократијата не може да биде жртва на пандемијата – порача Билчик за Радио Слободна Европа.
Пратеничката на опозицијата на Демократската партија, Наташа Вучковиќ, смета дека има основа за ваквите апели од европратениците, затоа што уставната улога на парламентот е да ја контролира извршната власт во сите актуелни и вонредни околности. Таа напоменува дека требало да се обезбеди форма на работата на српскиот парламент во услови на пандемија, притоа да не бидат ставени во опасност присутните во собраниската зграда.

Уставот на Србија, како највисок правен акт, одредува дека во време на вонредна состојба Народното собрание се состанува без посебен повик и тоа не може да биде распуштено. Вонредна состојба прогласува собранието, но кога не е во можност да се состане, одлука за прогласување вонредна состојба донесуваат заеднички претседателот на републиката, претседателот на собранието и претседателот на владата, се наведува во став 5 од членот 200 на Уставот на Србија.
– Јас мислам дека Собранието на Србија треба да заседава. Минатата недела заседаваше парламентот на Хрватска и расправаше за економските мерки на Владата – изјави Драган Шормаз, пратеник на СНС и член на собранискиот одбор за европска интеграција.

Некои пратеници од владејачката Српска напредна партија не го оспоруваат начелото на контрола на законодавната над извршната власт, но имаат резерви тоа да се прави и во услови на постоење на вонредна состојба.
– Парламентот секогаш ја надгледува работата на извршната власт. Мислам дека Собранието на Србија треба да заседава. Немам страв да присуствувам на пленарни седници. Не сум сигурен дека постојат законски услови парламентот да се состанува и да гласа од далечина. Додека се приспособиме на далечинско гласање, ќе помине и вонредната состојба – вели Шормаз.

Група од 21 пратеник во Европскиот парламент на 15 април испрати писмо до европскиот комесар за проширување Оливер Вархеи, во кое се наведува дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, без заседавање на парламентот, прогласи „неограничена“ вонредна состојба поради коронавирусот. Оваа состојба беше протолкувана како „исклучително вознемирувачка“ во поглед на почитување на Уставот и човековите права. Од избувнувањето на пандемијата во земјите од Западен Балкан од почетокот на март редовно заседаваат само парламентите на Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина и на Косово.