Групата пратеници на отцепеното крило на Движењето „Самоопределување“ кои делуваат како независна пратеничка група во косовскиот парламент, се припојуваат кон Социјалдемократската партија (СДП на Каќуша Јашари.

Според координаторот на пратеничката група Дардан Сејдиу, договорено е на девети мај да се одржи новото Собрание на партијата, на која ќе се избере претседател и други партиски органи и тела.

– Постигнавме договор со кој дванаесетте пратеници кои до сега делуваа како незвисна пратеничка група ќе се припојат кон СДП. На девети мај, за кога го закажавме новото Собрание, ќе има само еден кандидат за претседател на партијата. Кој ќе биде кандидат, ќе видите на девети мај, изјави Сејдиу.

Тој потврди дека и актулениот градоначалник на Приштина Шпенд Ахмети, кој на оваа функција беше избран како кандидат на „Самоопределување“ учествувал во подготовката на платформата на партијата и се надева дека и тој ќе биде член на новата партија, не отфрлајќи ја можноста тој да биде и нејзин лидер.

– Постигнавме договор, досегашната независна пратеничка група да се припои кон нашата партија. Разговаравме неколку пати и се согласивме и за тоа дека треба да ги освежиме партиските структури,бидејќи нема смисла да продолжиме како до сега што работевме,- изјави Јашари.

Јашари (72) извршуваше високи функции и во времето на поранешната Социјалистичка автономна покраина Косово.