Седумнаесет поранешни пратеници бараат од Уставниот суд на БиХ да им се врати правото на едногодишна апанажа

Уставниот суд на Босна и Херцеговина сѐ уште не го одредил датумот кога ќе се изјасни за барањето на државните парламентарци за оцена на уставноста на одлуката што се однесува на укинување на правото за добивањето апанажа по завршувањето на мандатот на државните функционери. Станува збор за иницијатива што ја поднесоа 17 пратеници на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, кои бараат враќање на правото за добивање на овој надомест, која медиумите ја именуваат како „право на бел леб“. Овој надомест подразбира можност за примање плата и по завршувањето на мандатот на претседателите, премиерите, министрите, нивните заменици и советници и пратениците и раководителите на некои државни институции. Според прописите, се предвидува исплата на плата во рок од една година од завршувањето на мандатот, сѐ додека не се вработат или не заминат во пензија. Месечниот приход по оваа основа изнесува 3.000 конвертабилни марки, така што еден пратеник за една година додека е на „бел леб“ би заработил 36.000 КМ.

Државните пратеници сметаат дека со укинувањето на оваа одредба се крши нивното уставно загарантирано право, кое гласи „надоместот за лицата што извршуваат функции во институциите на БиХ не може да биде намален за време на траењето на мандатот на носителот на функцијата“.

Според податоците што ги добија новинарите на „Аваз“, најмногу пратеници има од ХДЗ за БиХ и СДА. Но во парламентот на БиХ очекуваат дека ова е почетна бројка и се очекуваат нови барања по конституирањето на седницата на Претставничкиот дом. Пратениците Садик Ахметовиќ и Салко Сколовиќ упатија барање до Уставниот суд на БиХ во кое се бара нивните потписи да се отпишат од поднесената иницијатива.
– Со потпишување на барањето за оцена на уставноста на одредбата со која е укинат „белиот леб“ направивме грешка. Свесни за овој факт баравме да бидат избришани нашите потписи. Нашата намера не беше да се врати овој надомест, туку да се укаже на дискриминациските решенија со кои на избраните функционери им се оневозможува да работат по престанување на нивниот мандат – се вели во заедничката изјава на Ахметовиќ и Сколовиќ.

Двајцата пратеници остануваат на ставот дека никој нема право да му го оневозможува на кој било граѓанин на БиХ правото на работа и дејствување. Тие и претходно предупредувале на несразмерните односи на плати во јавниот и реалниот сектор, а и самите гласале за укинување на т.н. „бел леб“.

Ахметовиќ и Сколовиќ, кои се пратеници во независниот блок, истакнуваат дека ова не треба да биде привилегија на избраните службеници во институциите на БиХ
Од делегатите на Домот на народите, засега никој не поднел барање за добивање плата по истекот на функцијата, затоа што постапката за избор на новиот состав сѐ уште не е завршена.

Наспроти барањата на пратениците, кај граѓаните во БиХ владее незадоволство од користењето разни бенефиции за функционерите, додека многу работници не ја земаат редовно платата.

– Мене ми должат 34 плати. Последната ја имам добиено во 2014 година. Платата изнесуваше околу 450 КМ. Јас не би имал образ ако добијам нешто незаработено – вели Јасмин Арифиќ, поранешен работник во „Хидроградба“.

Привилегијата да седат дома и да земаат плата на товар на државниот буџет имаат само парламентарците и министрите, што им го овозможува Законот за плати и надоместоци во органите на власта на БиХ.

Насир Бегановиќ, шефот на Клубот на пратениците од СББ, уште во 2015 година предложи укинување на „белиот леб“, со што би се заштедиле милионски суми.

– Жалам што немаше доволно политичка волја, пред сѐ од СДА и ХДЗ, за БиХ, да ги прифатат измените на законот. Тие предлози никогаш не дојдоа на дневен ред – вели Бегановиќ.