Со одлука на лидерот на Златна Зора, Никос Михалољакос и со согласност од пратеничката група, пратеникот Константинос Барбарусис е избришан од партијата поради неговиот став изнесен од собраниската говорница кога ја повика војската да ги уапси Ципрас, Каменос и Павлопулос.

– Бидејќи политичкото раководство на земјата не носи закони во интерес на нацијата, туку за личен интерес, го повикувам военото раководство на земјата да ја почитува дадената заклетва и да ги уапси премиерот Алексис Ципрас, Панос Каменос и Прокопис Павлопулос за одвраќање на ова предавство. Вашите глави во Преспа. Вашите глави во Преспа, рече пратеникот од Златна зора на крајот од неговиот говор во парламентот и предизвика реакции кај претставниците на останатите партии, кои го осудија ставот на Барбарусис. 

Како што јави дописничката на МИА од Атина, претседателот на партијата коментира дека изјавата на Барбарусис не е во согласност со ставовите на Златна зора.

Паралелно, според информациите на грчката новинска агенција АНА-МПА, министерот за одбрана, Панос Каменос и неговиот заменик Фотис Кувелис, ќе достават усна тужба до Врховниот суд на Грција за пратеникот од Златна зора и ќе побараат од обвинителот, Барбарусис да се гони согласно со кривичниот законик.