Веста за партнерката на српската премиерка Ана Брнабиќ, која неделава стана мајка и роди син, предизвика мноштво позитивни и негативни реакции на социјалните мрежи во Србија, а поради самиот факт што детето е родено во истополова заедница информирањето на медиумите во регионот беше проследено со голема доза сензационализам. Во некои од текстовите и во коментарите беше изразена и хомофобија, а оваа вест беше искористена и за партиски расправии меѓу граѓаните во Србија, особено по навредувачкиот коментар на актерот Сергеј Трифуновиќ, лидер на опозициската партија Движење на слободни граѓани, кој го упати на сметка на бебето од врската на Брнабиќ и нејзината партнерка Милица Ѓурѓиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јавно искритикува дел од јавноста што на социјалните мрежи го исмеваше доаѓањето на свет на малиот Игор.
– Им честитам на Ана и на Милица. На Игор му посакувам да биде жив и здрав, да биде среќен, паметен и успешен. Оние несреќници од политиката на кои им пречат децата, самите за себе говорат какви се. Тие никогаш нема да успеат ни да ја заплашат, ни да победат во пристојната Србија. Никогаш – изјави претседателот Вучиќ.

Непристојните коментари на социјалните мрежи и во медиумите ги осуди и министерката за градежништво, Зорана Михајловиќ, која јавно порача дека секое дете што ќе се роди во Србија заслужува добредојде, а не да биде дочекано со лоши зборови и со навреди.

Можете со некого политички да не се согласувате, но недозволиво е детето, кое само што се родило, да биде користено за напад на политичките неистомисленици. Ако мислиме дека како општество имаме иднина, мораме да бидеме согласни за некои минимални вредности и цели. Тоа е сите деца во Србија да имаат сигурност и заштита – се вели во нејзиното соопштение за медиумите.

Со раѓањето на Иван се отвори и правна празнина околу признавањето на родителското право на премиерката Ана Брнабиќ, пишува во својот текст „Данас“.

Покрај тоа што немаат право да склучуваат истополови брачни заедници, лицата од ЛГБТ-популацијата, односно и лезбијките во Србија немаат право ни на вонтелесно оплодување. Српскиот весник го поставува прашањето на кој начин партнерката на премиерката на Србија, Милица Ѓурѓиќ, забременила и дали вештачкото оплодување го направила во странство. Според важечките српски закони, донирањето сперма не може да се достави на легален начин во Србија, па според тоа се поставува прашањето дали таа ги искористила привилегиите од нејзината премиерска функција.

Неофицијалните информации на „Данас“ упатуваат на тоа дека вештачкото оплодување е направено во странство, а поединечни извори наведуваат дека тоа е сторено во САД или во Белгија.


Од бајка до говор на омраза

Брнабиќ и Ѓурѓиќ не се обичен лезбијски пар во Србија, туку се општествено-политички привилегиран пар. Медиумите за нив пишуваат како да се рамноправни родители и креираат една бајка, која не важи за другите истополови парови во Србија. Ана Брнабиќ има моќ да предложи законска регулатива, но тоа не го направи досега. Сама ужива во привилегиите што ѝ ги дава премиерската позиција. Но таа нема вечно да биде премиерка и кога-тогаш ќе се соочи со тоа кога некој ќе ѝ каже дека Игор не ѝ е ништо, вели Предраг Аздејковиќ, главен и одговорен уредник на магазинот „Оптимист“.
Од организацијата за лезбијски и човекови права „Лабрис“ предупредија на „изразито неетичкото и сензационалистичко известување на медиумите во кои имало загрижувачко количество говор на омраза, закани, лезбофобија и мизогинија“. Во Србија не постои закон за регистрирање истополови заедници, со кој правно би им се регулирал статусот на децата и на родителите во истополовите партнерства, предупредуваат од „Лабрис“.