Двајцата лидери даваат различни изјави за формирањето на заедницата на општини со српското мнозинство на Косово, пред почетокот на продолжението на дијалогот во Брисел, кој започна пред десет години

Официјалните претставници на Србија и на Косово повторно настапуваат со спротивставени ставови за содржината на првата средба меѓу Александар Вучиќ и Албин Курти, која е најавена за средината на јуни во Брисел. Двајцата лидери даваат различни изјави за формирањето на заедницата на општини со српското мнозинство. Косовскиот премиер напоменува дека не може да се формира едноетничка заедница, српскиот претседател настапи со непопустливи позиции дека одењето во Брисел ќе биде непотребно ако предмет на разговори не е исполнувањето на оваа обврска на Косово. Косово и Србија во рамките на дијалогот за нормализација на односите во 2013 година постигнаа Договор за формирање на ЗСО, а потоа беа усогласени и принципите на нејзино дејствување. Меѓутоа, Уставниот суд на Косово во декември 2015 година утврди дека утврдените принципи не се во целост усогласени со Уставот на Косово, но како што дополни, тоа би можело да се усогласи со законскиот акт на Владата на Косово и статутот на СЗО, објави Радио Слободна Европа.
Портпаролот на Владата на Косово, Прпарим Круезиу, во изјава за РСЕ го повтори ставот на Курти дека не може да постои моноетничка асоцијација, а темата на состанокот во Брисел би била продолжување на дијалогот.
– Потребно е да се разгледа досегашниот дијалог со Србија и да се отвори дискусија за промена на досегашните постигнати договори и реалното влијание што тие го имале на досегашните животи на нашите граѓани – изјави Круезиу.
Премиерот на Косово нагласува дека новиот состанок со Александар Вучиќ не е продолжување на дијалогот, туку почеток на нов процес. Дијалогот беше прекинат и поради тоа што српската страна повторно го отвори ова прашање.

Еуген Цаколи од Косовскиот демократски институт предупредува дека формирањето на ЗСО за секој косовски лидер би била тешка одлука, со оглед на одлуката на Уставниот суд на Косово. Ова прашање ќе се најде на преговарачката маса во Брисел, но косовската страна настапи внимателно во однос на надлежностите на новата институција.
– Во рамките на дијалогот ќе се разговара за сите теми и нереално е да се каже одиме во Брисел да разговараме за општи прашања. Зборуваме за продолжување на дијалогот, а не за почеток на нови фази на дијалогот. Не очекувам некој нов договор – вели Цаколи.
Драгиша Мијачиќ, координатор на белградската работна група што го следи спроведувањето на постигнатиот договор во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина, смета дека се поставува прашањето за кредибилитетот на ЕУ како посредник во дијалогот, доколку не се формира заедница на општини со српско мнозинство.
– Се очекува Албин Курти да го сврти текот на дијалогот во некоја нова фаза, со образложение дека му е потребно време да се запознае со сето тоа што е договорено во претходните разговори. Меѓутоа, дијалогот е таков и тој трае повеќе од десет години и неговото ресетирање од почеток нема да биде едноставно – вели Мијачиќ.
Врз основа на одлуката на Уставниот суд на Косово од 2015 година, за ЗСО спорни се одредбите во областите што се однесуваат на еднаквоста пред законот, основните права и слободи, како и правата на малцинските заедници и нивните припадници. За уставните судии спорно е тоа што заедницата не се заснова на мултиетничноста и ги собира општините во кои мнозинство е една етничка заедница.

Бриселскиот договор од 2013 година постигнат меѓу Косово и Србија со посредство на Европската Унија предвидува формирање ЗСО врз основа на статутот, чија структура ќе биде воспоставена, како во случајот на постојниот статут на Асоцијацијата на косовските општини. Според ова, заедницата ќе има претседател, потпретседател, собрание, а право на основање на некои асоцијации, како ЗСО, која има цел заштита и промовирање заеднички интереси, е предвидено со косовскиот закон за локална самоуправа.
Две години по потпишувањето на првиот Бриселски договор, Косово и Србија потпишаа и договор за заедница на општини со српско мнозинство, со кој се усогласени општите принципи и клучните елементи. Со ова се прецизирани законските рамки, целите, организациската структура, односот со централната власт, буџетот и подршката на заедницата на српските општини.
Процесот на дијалогот меѓу Косово и Србија започна во 2011 година на техничко ниво, а следната година продолжи на политичко ниво за нормализација на односите на двете земји. Во изминатите десет години, Косово и Србија постигнаа околу 30 договори од кои повеќето не се реализирани на терен.