Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во услови на пандемија, градежниот сектор во земјите од регионот не забележа поголем пад, но со заживувањето на стопанската активност се зголемуваат и цените на градежните работи

Градежниот сектор за време на пандемијата беше изложен на многу предизвици поради отежнатата набавка и повисоката цена на материјалите, дополнителното намалување на цената на трудот и одливот на градежните работници во странство. Градежните компании се изложени на истите услови и годинава кога има знаци на заживување на градежните активности. Но тоа доведе и до поскапување на градежните материјали на регионалниот пазар, како што се железото, челикот и нафтата, стиропорот, камената волна, стиродурот, електричните кабли, цементот, бетонот, тулите и ќерамидите. Поскапувањето е поврзано со движењата на глобалниот пазар, но и повисоката побарувачка, како што е во Хрватска, поради санирањето на последиците од земјотресите. Во ваква состојба, очекуван е пораст на цените на станбениот и деловниот простор, но и во сите фази на реализација на градежните проекти, пишува „Ал џезира“.
Индиректното влијание на градежништвото во Хрватска се проценува на 12 отсто од бруто-домашниот производ, бидејќи за себе ја поврзува и индустријата за градежни материјали, дрвни преработки и метал. Вработува околу 120 илјади работници, а просечната плата во градежништвото е 900 евра, што е за 130 евра помалку од просечната плата во земјата.
– Во вториот квартал од 2020 година, поради целосното затворање, се јавија тешкотии во набавката на материјали, намален број работници поради карантини за странските работници и изолациите и неможноста за движење на работниците од едно место во друго. Во градежништвото не е можно да се работи од далечина. Неопходно е физичко присуство на работниците. Податоците на Државниот завод за статистика за лани покажуваат намалување на одобрените градежни дозволи за 5,3 отсто во споредба со 2019 година. Вистинскиот обем на последиците од здравствената криза во хрватското градежништво ќе се дознаат подоцна – вели Анѓела Богдан од Хрватскиот сојуз за градежно инженерство.

Во Србија во овој момент се работи на 67.000 градилишта, а во овој сектор се вработени 113 илјади работници. Најниската плата се движи од 380 евра до 1.70 евра. Пониските плати се причина за трајниот одлив на работници, но во последната година бројот на вработените градежници е поголем за десет отсто. Во Црна Гора работниците во градежништвото главно се обезбедуваат од увоз на работна сила од околните земји. Поради пандемијата е намален и приливот на кинеските работници на изградба на автопатот, кој е најголемиот инфраструктурен проект во земјата.
– Вредноста на извршените градежни работи во 2020 година изнесуваше 757 милини евра и е помалку за 5,4 отсто во споредба со 2019 година, која беше рекордна кога градежните работи достигнаа 801 милион евра. Лани се издадени 224 градежни дозволи со кои се предвидува изградба на 1.297 стана со вкупна површина од 74.311 квадратни метри – информираат од Стопанската комора на Црна Гора.
Во Босна и Херцеговина минатата година вкупните градежни работи забележаа раст од 0,3 отсто поради зголемената годишна стапка во нискоградбата од 0,7 отсто. Оваа слика се должи на извршените работи во странство, кои кон крајот на минатата година опаднаа.
– Во последните неколку месеци има драстично поскапување на сите производи што учествуваат во процесот на градба, а тоа е причина за поскапување на цената на станбен квадрат – вели Миле Петровиќ, секретар на Здружението на градежништво во Стопанската комора на РС.
Намалувањето на побарувачката за недвижности беше очекувано поради преориентирањето на луѓето во заштитата од коронавирусот. Од почетокот на годината има зголемување на цените на градежниот материјал, недостиг од работна сила и ново поскапување на станбениот простор.

Во Стопанската комора на Федерацијата Босна и Херцеговина велат дека нивниот градежен сектор не е значајно погоден од корона-кризата. Во БиХ во градежништвото се вработени 40.450 работници и има благо зголемување на вработеноста, а просечната плата е околу 335 евра.
Минатиот месец од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија посочија на поразителни податоци за јануари годинава. Секторот остварил реален годишен пад од 16,6 отсто што е резултат на намалувањето на извршените градежни работи кај високоградбата од 18,2 процента и кај нискоградбата од 14,9 отсто.
Секретарот на Здружението за градежништво, Андреа Серафимовски, изрази стравување дека може да се соочат со згаснување на одредени капацитети во некои потсектори.
– Досега не се преземени конкретни мерки за економска поддршка на градежните компании, кои имаа можност да ги користат само општите мерки за поддршка на стопанството. Дополнително, одредени јавни политики и случувањата во индустријата на градежни материјали влеваат неизвесност и страв дека градежништвото не само што нема да биде двигател на растот туку може да се соочи и со згаснување на градежните капацитети, граѓаните увидоа дека во време на пандемија е најдобро да вложуваат во недвижности – изјави Андреа Серафимовски.