Аналитичарите со кои се консултира „Дојче веле“ сметаат дека сегашната активност на Хрватска кон регионот е недоволна, а со поактивно ангажирање Хрватска може да го унапреди својот меѓународен политички рејтинг

Балканските држави што се членки на Европската Унија се „пасивни“ кога станува збор за дипломатското лобирање во Брисел, кое се однесува на поголемо европско интегрирање на земјите од Западен Балкан. Активностите на Грција, а особено на Словенија и на Хрватска се сведени на периодични изнесување на ставовите на нивните политички претставници, кои се однесуваат на декларативни заложби за „побрзо интегрирање на регионот“. Генералниот впечаток е дека балканските членови во ЕУ се недоволно заинтересирани за преземање на улогата за активни лобисти во Брисел за побрзо интензивирање на процесот за проширување кон Западен Балкан.
„Дојче веле“ направи анализа низ примерот со Хрватска, која е најмладата членка на Европската Унија, во која се заклучува дека „Загреб изгледа мошне незаинтересирано за процесот на проширување кон земјите од Западен Балкан“. Дипломатското дејствување на Хрватска кон регионот беше главно поврзано со претседавањето на Хрватска со Унијата, како и низ процесот „Брдо-Бриони“. На последниот состанок на оваа хрватско-словенечка иницијатива, поголеми реакции предизвика изјавата на претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, за бесмисленото однесување на Бугарија кон Македонија, додека реакциите на официјалните хрватски претставници од Владата беа во насока на „европската солидарност“.

Аналитичарите со кои се консултира „Дојче веле“ сметаат дека сегашната активност на Хрватска кон регионот е недоволна, а со поактивно ангажирање Хрватска може да го унапреди својот меѓународен политички рејтинг. Без оглед на различните погледи на Хрватска за регионот, останува фактот дека Хрватска има неискористена предност или квалитет, а тоа е недоволно искористениот статус на земја-членка на ЕУ.
– Не можеме да кажеме дека Република Хрватска не учествува во слични регионални процеси. Но се забележува недостиг од јасно артикулирани национални интереси и стратегии. Пасивноста на Владата на РХ кон регионот е изразена од 2016 година. Хрватска беше поотворена кон регионот во фазата на своето приближување кон ЕУ и непосредно по зачленувањето – вели Сенада Шело Шабиќ, истражувачка од загрепскиот Институт за развој и меѓународни односи (ИРМО).
Но од друга страна, во меѓународните кругови се препознава засилена активност на Хрватска кон БиХ, но тоа се смета за позитивно. Во периодот на нејзиното европско зачленување постоеше институционална соработка, одделение за пренос на знаење стекнато во процесот на пристапување во ЕУ, како стручна поддршка на соседите. Многу дипломати од Македонија и од Албанија беа запознавани со разни теми од хрватските колеги. Во времето на премиерката Јадранка Косор, хрватската влада им отстапи на соседите преводи од правните прописи на ЕУ.
Сегашната хрватска фаза во однос на регионот е одраз на општата атмосфера во ЕУ, односно околу заморот од проширување, избегнување кризи и популизмот, сметаат политичките аналитичари.

– Можеби иницијативата за Отворен Балкан е предводена од Вучиќ, а познато е дека меѓу него и Загреб имало и голем број натегања. Сево ова се рефлектира во недостаток од артикулирана регионална политика или оваа пасивност значи и насочување на стратегиските интереси некаде на друго место. Не е спорно ни тоа дека самата ЕУ сѐ повеќе покажува недостиг од капацитет и интереси околу овој регион – вели Сенада Шело Шабиќ за „Дојче веле“.
Анида Шабановиќ, директорка во Надворешнополитичката иницијатива на БиХ од Сараево, смета дека РХ декларативно го поддржува проширувањето на ЕУ, но со дневнополитичката реторика се обидува да покаже дека таа има подобра позиција од соседите.
– Секогаш се отвораат и продлабочуваат постојните јазови кога во хрватското општество се отвораат прашања од поблиското или подалечното воено минато, кои ќе бидат на патот на разговорите за сегашноста и за иднината со земјите од регионот – вели Шабановиќ.
Таа искажува жалење поради тоа што хрватската официјална политика се става на страната на оние што ја порекнуваат босанскохерцеговската перспектива за јакнење на граѓанско-политичкиот капацитет наместо етноцентрична логика на исклучивост.
– Оваа логика континуирано се обидува да ја пренесе и во ЕУ-институциите без разлика на спротивставените сигнали од големите европски престолнини и Вашингтон. БиХ, благодарение на своите слабости, сѐ уште е предмет наместо учесник на овие случувања во регионот. Хрватска може да биде носител на факелот и пироман. И едната и другата улога носат светлина. Но прашање е што останува зад нив, на патот за разговорите за сегашноста и за иднината со земјите од регионот – заклучува Шабановиќ.