По двегодишно бегство денеска во Полицискиот комесаријат во Тирана се предаде Клемент Балили, инаку познат како „балканскиот Ескобар” и „барон на дрогата”, пренесе МИА.

Тој се предал во придружба на неговиот адвокат, во време кога Обинителството за тешки кривични дела до судот достави досие од истрагата за најмалку четири кривични дела, едно од нив и „меѓународна трговија со дрога“.

Без оглед на тоа дека сам се предал, полицијата тврди дека 46-годишниот Балили не можел повеќе да го избегне притисокот на полицијата која се повеќе му се приближувала, особено во последните два месеци во градот Деливна, каде што се криел.

-Албанската полиција ја финализираше акцијата за апсење на Клемент Балили, во соработка со тајните служби и нашите партнери. Од денска албанското правосудство ја зема в раце една од најбараните личности во Албанија, со што граѓаните и нашите партнери добиваат многу јасен сигнал за тоа каква Албанија сакаме да имаме – изјави албанскиот прв полицаец Сандер Леши.

Обвинителството соопшти дека ќе бара притвор за Балили.

Премиерот Рама експресно преку социјалните мрежи го поздрави апсењето на Балили, оценувајќи го како голем чекор во борбата против организираниот криминал, а притоа ги пофали министерот за внатрешни работи, генералниот директор и полицијата.

Претседателот Илир Мета исто така го поздрави приведувањето на Балили, човек „со многу проблеми со законот“. Мета при оваа прилика се заблагодари на домашнте служби, но и меѓународните партнери за „сеопфатната пресија за постигнување на овој резултат“.