По спектакуларниот грабеж на 10 милиони евра на Меѓународниот аеродром во Тирана, од синоќа за безбедноста на аеродромскиот комплекс се грижат и Вооружените сили и воената полиција.

Како што јави дописничката на МИА, тие се поставени на безбедносниот периметар околу аеродромот „Мајка Тереза”.

Припадниците на армијата се распоредија на аеродромот кусо по обраќањето на албанската министерка за одбрана Олта Џачка.

– Ова се практикува речиси во секоја европска метропола каде вооружените сили се вклучуваат за поддршка на нивните колеги од полицијата со цел да се гарантира безбедноста на објектите од витално значење, како и сигурноста на граѓаните- изјави Џачка соопштувајќи ја одлуката за вклучување на армијата во обезбедувањето на аеродромот.

Претходно и Министерството за внатрешни работи нареди за безбедноста на аеродромот да се грижи државната полиција, а не како до сега приватна агенција.

На одлуката на Џачка експресно реагираше лидерот на опозициската демократска партија, Љуљзим Баша, оценувајќи ја како неуставна.

– Преземањето на контролата на аеродромот од страна на војската е неуставно. Оваа одлука само го потврдува падот на државата- оцени Баша.

Распоредувањето на армијата на надворешниот периметар на аеродромот за поранешниот прв човек на Дирекцијата за цивилна заштита, Шемши Пренчи претставува „автогол“ за државата.

Според него, Владата со ова де факто прогласила вонредна состојба.

– Де факто преземањето на обезбедувањето од страна на војската е прогласување вонредна состојба, само што не е прогласена и де јуре од Владата. Ние сме во вонредна состојба поради високото ниво на криминал, поради заканата на еден од најзначајните објекти, а тоа е аеродромот, единствен што го има Албанија- изјави Премчи, гостувајќи во емисија на тиранската телевизија Ора њуз.