Грција ги отвори сите копнени гранични премини со соседните земји, и тоа со работно време од 24 часа. Македонските граѓани ќе може да патуваат за Грција и преку граничните премини Меџитлија и Дојран. Грчката заменик-министерка за туризам, Софија Захараки, и шефицата на канцеларијата на грчкиот премиер во Солун, Марија Андониу, соопштија дека копнените гранични премини што ќе работат се: Промахонас, Евзони, Ники, Дојран, Кастањес, Кипи, Орменио, Нимфеа, Кристалопиги и Какавија. Одлуката за работа на граничните премини ќе стапи во сила откако претходно ќе биде објавена во „Службен весник“ во Грција.
Од вчера во Европската Унија се користат дигитални ковид-сертификати, што треба да го олесни движењето на патниците во границите на Унијата. Патувањата во рамките на Унијата ќе бидат возможни преку кју-ар кодот во дигитална форма на паметните телефони или во хартиена форма, кој ќе покаже дали патникот е вакциниран со една од вакцините одобрени од ЕУ („Бионтек/Фајзер“, „Астра Зенека“, „Модерна“ или „Џонсон и Џонсон“), дали прележал ковид-19 или има негативен тест за коронавирусот.
Сертификатот служи за да се избегне потребата од карантин и понатамошно тестирање за време на патувањето помеѓу 27 земји-членки на ЕУ и придружните европски земји.
Сепак, Брисел ги повикува сите земји-членки да дозволат влез само на целосно вакцинирани патници надвор од блокот или на оние со итни причини.