Истражувачките активности на „Шел“ за пронаоѓање извори на нафта и природен гас во блокот 1-14 „Хан Кубрат“, во водите на Црно Море, започнуваат на први април годинава, изјави Александар Кејси, шеф на бугарскиот проект „Шел“. Дупчењата ќе бидат направени на длабочина од 1.300 метри, 80 километри од бугарското крајбрежје, јужно од Бургас. Дупчењето ќе трае 90 дена.

Во наредниот период следува анализа на податоците собрани од истражувањето, а најверојатно ќе бидат потребни повеќе тестирања и евалуација на резултатите за хемиските супстанции. Доколку тие се над одредени нивоа што се неопходни за комерцијална експлоатација, „Шел“ ќе одлучи за идните инвестиции во инфраструктурата за црпење на нафтените ресурси под морското дно. Вообичаено, процесот од детекција на јаглеводород до комерцијализација трае 6-10 години, а периодот на експлоатација е 20-30 години. Доколку се откријат доволни резерви, со нивна експлоатација нема да се почне пред 2025 година, пишува „Капитал“.

За овие истражувања на компанијата се предвидени околу 35 милиони долари, но до одлуката за конечно искористување на нафтените резерви се потребни помеѓу 50 и 150 милиони долари.

Во 2015 година бугарската влада објави тендер за изработка на студија на блокот „Хан Кубрат“. Во 2016 година дозволата му е доделена на „Шел“. Од октомври 2016 до јануари 2017 година беа спроведени геолошки истражувања, а преку сензори и звучни бранови компанијата изработи визуелни слики на геолошка структура под површината на морското дно. Геолошките податоци беа оценети за „многу охрабрувачки“.

Шансата за откривање нафта и природен гас во блокот 1-14 „Хан Кубрат“ е од 1 до 5. Проценетиот потенцијал за црпење на нафта е 75.000 барели дневно.