Aлбанија

Во Албанија официјално почнува изборната кампања за парламентарните избори што ќе се одржат на 25 април. Двете најголеми политички сили, владејачката Социјалистичка партија и опозициската Демократска партија, ја почнаа кампањата во ист термин од Тирана, но овој пат не со митинзи, туку со контролирано учество, користејќи онлајн комуникација.
Како што е најавено, лидерите Еди Рама и Љуљзим Баша само со неколку соработници ќе се појават на плоштадот „Скендер-бег“, односно „Мајка Тереза“, додека членството и поддржувачите ќе ги следат од дома.
На овие избори, Социјалистичката партија настапува самостојно, но на своите листи има претставници на партиите на малцинствата, меѓу кои и лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и актуелен пратеник, Васил Стерјовски, кој е на кандидатската листа за округот Корча, од каде што го доби и првиот мандат.
Демократската партија настапува во коалиција со неколку помали политички партии, меѓу кои и Републиканската, на Фатмир Медиу, Партијата за заштита на човековите права, на албанските Грци, чиј лидер е Вангел Дуле, и Партијата за правда, интеграција и единство на Шпетим Идризи, партија на протераните Албанци Чами од Грција и нивните потомци.