Поранешниот премиер на Турција, Месут Јилмаз почина на 72 години во Истанбул, пренесуваат турските медиуми.

Јилмаз минатата година заболе од рак на белите дробови, а во мај оваа година оперираше тумор на мозокот.

Тој беше на чело на партијата Матица од 1991 до 2002 година и за време на 90-те години трипати беше избиран за премиер, од што два мандати траеја само по неколку месеци поради падот на неговата коалициска влада.

Неговата трета влада траеше 18 месеци по таканаречениот воен меморандум од 1997 година, со кој е ставен крај на коалициската влада на тогашниот премиер Неџметин Ербакан во напнатото политичко време во Турција.

Ербакан се залагаше за исламски вредности и беше ментор на сегашниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган, а соборувањето на Ербакан беше наречено „постмодерен удар“ од војската.

Пред да стане премиер, Јилмаз беше министер за надворешни работи и министер за култура во владата на Тургут Озал.